Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во моментов во Македонија има Финци што помагаат да го дизајнираме образованието, во минатото имавме Британци, Германци, Италијанци, а во иднина можеби ќе дојдат и некои лица од Холандија, од Америка, па дури и од Кина. Сето тоа укажува дека нам ни недостигаат константа, квалитет и вистински професионализам во системот, ако некогаш сакаме да имаме образование налик на она кај развиените земји

ОБРАЗОВНИ РЕФОРМИ И ЕКСПЕРИМЕНТАЛНИ МОДЕЛИ ПО КЕМБРИЏ, БОЛОЊА, СЛОВЕНИЈА, ФИНСКА…

Македонското образование од година на година спроведува најразлични образовни реформи, постојано експериментирајќи и пробувајќи најразлични модели во основното, средното или високото образование.
Најново деновиве е тоа што министерката за образование Мила Царовска соопшти дека во тек е обука на наставници и директори на училиштата за практикување нов образовен концепт, во кој ќе помогнеле фински професионалци. Финската помош, според Царовска, доаѓа поради тоа што оваа земја проценила оти македонската влада правела сѐ за доброто на учениците и младите. За потсетување, македонското образование досега имаше различни искуства со практикувањето на образовните програми. Имено, од почетокот на 2014 година, во земјата се практикуваше образовна програма дизајнирана по британскиот модел на Универзитетот во Кембриџ. Оваа програма, според многумина, не ги даде очекуваните резултати за основците, бидејќи таа не беше добро имплементирана во учебниците на учениците. Како еден од поголемите проблеми на оваа програма, за што предупредуваа и учениците и наставниците, е неуспехот за адаптирање на образовната материја на возраста на нашите ученици.
Во основното образование во 2007 година, државата го воведе деветгодишниот модел на образование изграден по моделот на Словенија. Овој систем, иако честопати критикуван од родителите, и натаму е во сила и тој, според упатените, дава соодветни образовни резултати. Во процесот на менување на образовните програми, треба да се нотира и информацијата дека Македонија во 2017 година го укина моделот за екстерно тестирање на учениците во училишта.

Во високото образование, пак, државата го бележи и примерот со Болоњската образовна програма, која беше резултат на потпишаната истоимена декларација од страна на државата. Овој образовен модел, кој исто така се покажа за неефективен, предвидуваше дека студентите ќе студираат врз основа на европските правила за студирање преку т.н. кредит-трансфер систем. Но тоа се покажа дека има и свои недостатоци. Имено, испитите беа полагани од студентите единствено на писмен начин, а сето тоа е во контрадикторност со фактот дека, на пример, студентите од Правниот факултет на овој начин не можат да развијат соодветни ораторски способности, кои им се многу потребни во иднина кога ќе функционираат во правосудниот систем на земјата. По овие случувањата, универзитетите во земјата постепено ја отфрлаа Болоњската образовна програма и се враќаа на традиционалниот начин на образование практикуван во земјата. Што ќе донесе новонајавуваниот фински модел треба допрва да видиме. Сепак, останува фактот дека образованието е клучниот сегмент во државата во кој не се пожелни премногу експерименти.
Во меѓувреме, професорите и експертите од областа на образованието со кои се консултиравме велат дека разноликоста на реформите во образованието сите овие изминати години, придружена со употребата на неприспособени странски образовни програми во Македонија, го спуштила нивото на квалитет во крајниот производ кај нашиот образовен систем.

Универзитетскиот професор Петар Атанасов, кој е поранешен заменик-министер за образование и наука, во својот осврт на случувањата за „Нова Македонија“ вели дека многубројните промени на образовните програми во сите сфери на образованието од основното до највисокото во изминативе декади, заедно со длабоката политизираност, но и слабите тела на институциите, довеле до состојба во моментов во Македонија да имаме ниско ниво на квалитет во крајниот резултат на образовниот процес.
Според Атанасов, ако се изврши еден пресек на актуелните состојби, ќе се види дека многу работи не ни чинат во образование и во образовниот систем.
– Во секторот образование се чини дека најмалку 15 години наназад ние вршиме одвреме-навреме некакви експерименти со образовните програми. Во овој долг период се чини ние не успеавме да го изградиме системот. Образовните програми се градени од секој министер засебно, и тоа од почеток, без притоа да се користат соодветни анализи и планирања од професионалци и експерти што ја познаваат проблематиката. Па, така, наеднаш и прекуноќ секоја политичка партија и гарнитура си воведува свои радикални промени, кои не се академски соодветно втемелени. Токму затоа ние денеска имаме еден многу слаб систем, чиј резултат на крајот не продуцира квалитетни решенија и квалитетни образовани деца и младинци – објаснува професорот.

Атанасов посочува дека сите досегашни образовни програми, но и генерално сите реформи спроведени во овој државен сектор не се етапно надградување на постојаното образование, туку се промени во функционирањето во зависност кој министер е на функција и од која партија потекнува.
Тој подвлекува дека проблемот за квалитетно образование во Македонија лежи и во слабата професионалност на самите институции што дејствуваат внатре во образованиот систем, кои се длабоко политизирани.
– Во еден систем во кој ние имаме околу 250 илјади ученици, 50 илјади студенти и уште многу професори и наставници не постои соодветна контрола на квалитетот и селекцијата на образовните програми, но и на луѓето што се образоваат или се дел од институциите – вели Атанасов.
Тој објаснува дека поради многуте импровизации на ова поле, Македонија во моментов има недостиг од инвестиции во системот и не продуцира соодветен квалитет на образовани кадри, кои ѝ се неопходни на државата.
– Во моментов ние имаме Финци што ни помагаат да го дизајнираме образованието, во минатото имавме Британци, Германци и слично, а во иднина не се знае, можеби ќе дојдат и некои лица од Холандија, од Америка, па дури и од Кина. Сето тоа укажува дека нам ни недостигаат константа, квалитет и вистински професионализам во системот, ако некогаш сакаме да имаме образование налик на она кај развиените земји – поентира професорот.

Инаку, на последното ПИСА-тестирање (Меѓународна студија што ги мери способностите и знаењата на учениците) од декември минатата година, македонските ученици се меѓу најслабите, односно се меѓу последните 15 од 77 земји во читање, математика и во наука. Резултатите што ги објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) покажуваат дека македонските средношколци се оценети со 393 бода за читање, што е под просекот од 487. Потоа, 394 за математика и 413 за природни науки, а во двете категории просекот е 489.
Во своја изјава на социјалните медиуми на оваа тема, професорката Катерина Колозова вели дека во јавноста се говори дека не сме „писмени“.
Таа истакнува дека родителите треба да излезат од својата зона на комфор и да ги прифатат новите методи на образованието базирани врз стратегијата на ЕУ за доживотно учење, на интердисциплинарноста.

– ЕУ-стратегијата за доживотно учење ја става интердисциплинарноста меѓу осумте столба што се директно врзани со ПИСА-критериумите, сите овие бунтови против интердисциплинарноста (која е интегративна и на повисоко ниво од актуелното образование) се на луѓе што не сакаат да излезат од својата зона на комфор. Тие сакаат децата како папагали и натаму да го рецитираат тоа што им го издиктирале наставниците и токму поради тоа сме на дното од ПИСА-критериумите – смета професорката.
Професорот Владимир Петрушевски истакнува дека интегрираниот курс по природни науки во осмолетка може да биде и корисен.
– Основен предуслов е да не се избрзува, зашто така ќе ни се повтори Кембриџ. Зашто не значи дека она што добро функционира во светот по автоматизам ќе функционира и кај нас. Неопходно е да се образова соодветен кадар и да се подготват соодветни учебници… како минимум, за да има шанси овој проект – вели Петрушевски.

[email protected]