На почетокот на 2019 година, во јануари, пет странски државјани поднеле барање за азил
Иако нашата земја не е особено посакувана дестинација за бегалците и мигрантите, сепак одредени лица се обидуваат да останат тука во потрага по подобар живот. Но нивните барања за азил во најголем број се одбиваат, бидејќи властите утврдуваат дека не станува збор за загрозени лица.
Неодамна македонската јавност ја вознемири случајот со државјанката на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Хинд Аболоки, која минатиот петок ја напушти Македонија, откако властите не ѝ дадоа азил.
Таа го поднесе барањето кон средината на октомври минатата година, образложувајќи дека се соочила со семејно насилство и дека во нејзината земја ѝ е загрозен животот, но беше експресно одбиена од МВР, а одлуката ја потврдија и надлежните судови. Според податоците на МВР, на почетокот на 2019 година, во јануари, пет странски државјани поднеле барање за азил.
Во 2018 година вкупно 299 лица побарале азил во земјава, додека на три лица им било признаено правото на супсидијарна заштита. Навраќајќи се наназад, во текот на 2017 година биле поднесени вкупно 147 барања за признавање право на азил за 162 лица. По спроведените постапки и донесените одлуки, Секторот за азил информира дека само на пет лица им е доделена супсидијарна заштита, и тоа четири лица со потекло од Сирија и едно лице од Пакистан.
Во текот на цела година не е одобрено барање за азил со кое се доделува статус на бегалец во согласност со Законот за азил и привремена заштита. Во првите шест месеци од 2014 година, од 511 лица баратели на азил, најмногубројни се од Сирија – 215, потоа од Авганистан и од Сомалија.
Во текот на 2013 година се регистрирани 1.296 баратели на азил во Република Македонија. Од нив, најголем број, или 320, биле од Сирија, 245 од Авганистан, 102 од Пакистан, 94 од Алжир, а помал број се лица од Бангладеш, Судан и Египет. Во 2012 година биле поднесени 636 барања за азил, а во 2011 година 744 барања за азил, со што настана драстичен пресврт во однос на претходната година, во која, според податоците на УНХЦР, биле поднесени само 180 барања за азил.
– Симптоматичен е малиот број на одобрена супсидијарна заштита на бегалци што побарале заштита во државата, а уште повеќе непризнавањето на бегалци дури и на оние лица што доаѓаа од воено загрозени подрачја и чии индивидуални околности би го оправдале статусот на бегалец, што го доведува во прашање ефективното испитување на индивидуалните околности на секое поднесено барање за азил – се вели во Годишниот извештај за правата на бегалците, мигрантите и барателите на азил во Република Македонија за 2017 година.
Според податоците на Здружението на млади правници, најмногу баратели на азил имало во 2014 година, додека со почетокот на мигрантската криза, азил просечно барале меѓу 40 и 60 лица, но оваа бројка не може да се земе како реална, бидејќи повеќето од нив по ден-два го напуштале прифатниот центар.
– Тие луѓе никогаш не сакаа да останат во Македонија. Разговарав со многумина од нив, сите беа со една цел, да ја напуштат побрзо земјата и да заминат во Германија – вели социјален работник што сакаше да остане анонимен, а кој беше ангажиран во прифатните центри за време на бегалската криза.
Инаку, оние лица што ќе добијат азил добиваат статус на признаен бегалец, ги напуштаат прифатните центри и се стекнуваат со право на социјална парична помош, право за надомест за домување, можат да се вработат или да го продолжат образовниот процес.