Фото: Игор Бансколиев

Податоците од извештајот на Европскиот училиштен истражувачки проект за алкохол и други супстанции укажуваат дека токму тинејџерската возраст би можела да биде клучна во создавањето зависности кај младите, особено зависност од канабис. Како гледа на оваа појава стручната научна јавност

ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЕКТ ВО 35 ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ, ВКЛУЧУВАЈЌИ ЈА И МАКЕДОНИЈА

Пиењето алкохол и пушењето кај тинејџерите во земјава опаѓаат, но расте ризикот од употреба на канабис и други зависности, така што сè погласните најави што доаѓаат од политичари на високи позиции за можно легализирање на употребата на канабисот и за рекреативни цели ја отвора дилемата дали младите се навлекуваат на оваа зависност и како сето тоа ќе се одрази врз нивното психофизичко здравје.
Во извештајот на Европскиот училиштен истражувачки проект за алкохол и други супстанции, во кој има податоци собрани врз основа на студијата спроведена во партнерство со Европската агенција за лекови во 35 европски земји, се наведува дека употребата на алкохолот останува висока кај адолесцентите во Европа, каде што во просек над три четвртини (79 отсто) од учениците пробале алкохол барем еднаш во текот на својот живот. Во Македонија тој процент е 67 отсто.
Иако пиењето алкохол останува популарно меѓу младите, трендот меѓу 1995 и 2019 година покажува генерално намалување во користењето алкохолни пијалаци.
Во однос на цигарите, исто така се бележи тренд на намалување на пушењето кај тинејџерите во Македонија во однос на 1995 година, без да се земат предвид електронските цигари.
Но сега, пак, податоците од извештајот покажуваат дека има зголемување на користењето на канабисот меѓу тинејџерите.

Околу 7,8 отсто од учениците во земјава рекле дека пробале некаква дрога, и тоа канабис (6,1 отсто), екстази (1,1 отсто), амфетамин (0,6 отсто) и метамфетамин (0,4 отсто). Едно од десет момчиња пробало каква било дрога, додека кај девојчињата едно од дваесет.
Последните иницијативи за легализација на канабисот за рекреативна употреба доаѓаат од неколку здруженија и некои политички фактори, а по тоа неодамна се изјасни и премиерот Зоран Заев.
– Верувам дека во иднина ќе се создаде амбиент, лично поддржувам и легализација поради тоа што преку таа мерка ќе можеме да ги унапредиме услужните дејности што многу малку учествуваат во нашиот БДП – рече Заев.
Но податоците од извештајот укажуваат на тоа дека токму тинејџерската возраст би можела да биде клучна во создавањето зависности кај младите, особено зависност од канабис.
Социолозите со кои се консултиравме сметаат дека легализацијата на канабисот за рекреативна употреба не е толку наивна работа, особено за младите.
– Ова време во кое живееме денес, ова буквално бомбардирање со вести и информации, го зема данокот. Ние сè уште не ги знаеме последиците врз животот што ги носи ова динамично живеење. Токму ваквиот начин на живот бара некаква релаксација. Кај постарите генерации тоа се постигнува со алкохолот, но кај младите, кои се преполни со енергија, тоа би можел да биде канабисот – смета социологот Илија Ацевски.

Според него, младите немаат доволно физичка активност да се ослободат од стресот, па затоа евентуалното легализирање на марихуаната ќе им овозможи полесно да доаѓаат до неа и да ја користат за релаксирање од стресот.
– Негативното е во тоа што токму канабисот ќе ги доведе тие млади луѓе, полни со енергија, во ситуација на пасивно набљудување на животот, што никако не е добро – нагласува Ацевски.
И стручните лица сметаат дека тинејџерите треба да ја одложат употребата на канабисот колку што можат повеќе, ако не и целосно.
– Очекував дека алкохолот ќе остави поголеми последици врз мозокот на тинејџерите, но истражувањата покажаа поголеми грешки во когнитивните тестови кај тинејџерите што користат марихуана. Мозоците и натаму им се развиваат, а канабисот се вмешува тука… Би требало да ја одложат употребата на марихуаната колку што можат подолго – смета професорката Патрисија Конрод.

Процесот на легализација за рекреативна употреба на марихуаната е почнат и за некоја година веројатно и ќе се случи тоа, но она што во моментот е потребно да го направи државата е преку масовна едукација и континуирани кампањи да ги подготви младите луѓе за сите негативни последици од употребата на овој опијат. Покрај тоа, дополнително треба да се инвестира во нивно мотивирање за што поголема физичка активност, преку што ќе можат полесно да го канализираат вишокот енергија. Ваквиот „вентил“ сигурно ќе им го намали стресот и ќе ги одврати од зависностите што сè повеќе се шират низ општествата.