Европската перспектива на земјите од Западен Балкан беше една од темите за кои вчера во Берлин разговараа германската канцеларка Ангела Меркел и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Како што пренесоа агенциите, на прес-конференцијата по средбата Мицотакис го повторил својот став за Договорот од Преспа.
– Разговаравме за прашањата на Балканот. Канцеларката ги знае моите размислувања дека Договорот од Преспа е договор со сериозни мани, но мани што можат да се ублажат преку целокупната европска перспектива на Западен Балкан – изјави Мицотакис.
Меркел потврди дека станало збор за Балканот и за европерспективите на земјите од регионот.
– Разговаравме за прашањата за проширување на Европската Унија, односно за пристапните преговори на Србија и на Црна Гора, но и за иднината на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија. Мислам дека овде констатираме низа заеднички аспекти што се однесуваат на нашите билатерални односи и би можеле да имаме успех – рече Меркел.
Мигрантското прашање и почитувањето на договорот ЕУ – Турција, инвестициите во енергетиката, заедничкиот план за зелен развој што ќе биде презентиран на почетокот на следната година, исто така, се меѓу темите за кои се зборувало во Берлин. П.Р.