Претседателот на најголемата грчка опозициска партија, Кирјакос Мицотакис, уште еднаш повтори дека Нова демократија нема да гласа за ратификација на Договорот од Преспа и повика истото тоа да го сторат и другите партии и пратеници.
– Постои само еден начин за да го ограничиме опсегот на националната штета: Договорот од Преспа да не се ратификува во грчкиот парламент. Повторувам на најкатегоричен начин: Нова демократија ќе гласа против договорот и ги повикуваме сите партии и сите пратеници да го сторат истото тоа. Впрочем, ова е барањето на големото мнозинство грчки граѓани – вели Мицотакис.
Тој се повика на пишувањата во грчките медиуми, кои, пак, пренеле пишувања од македонски медиуми за можноста македонскиот јазик да се изучува во Грција.
– Изјавите на Заев за изучување на македонски јазик во Грција се неприфатливи, но беа очекувани од самата содржина на договорот. На најјасен начин го потврдуваат она што Нова демократија го кажа од првиот момент, дека признавањето наводен македонски јазик и националност ја отвора Пандорината кутија за оживување на сите историски неточни иредентистички барања на Скопје – вели Мицотакис и додава дека Заев има секаква причина да слави за она што е договорено, но „Ципрас останува безгласен пред резултатите на неговата политика“.
На истата тема, Нова демократија и преку соопштение објавено вчера упати обвинувања и критики до владата на Ципрас за Договорот од Преспа.
На вчерашниот брифинг во грчкото МНР од Атина, за конкретното прашање поврзано со натписите за изјавата на Заев, новинарите побараа одговор од алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.
Јоргос Катругалос рече дека и тој ја видел изјавата што ја објавуваат медиумите, објасни дека „не е јасно како и во која рамка беше дадена“. Наедно уште еднаш повтори дека Грција очекува и бара да се почитуваат текстот и духот на Договорот од Преспа.
Катругалос го спомена и членот 7, според кој јазикот се регистрира како словенски јазик.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија рече дека кога ќе ја имаат комплетната изјава што ја споменуваат грчките медиуми, ако отстапува од рамката што самиот ја спомена, тогаш ќе излезат со конкретен став.
Извори од македонската влада велат дека во Договорот од Преспа не постојат членови што ги одредуваат правата за употреба на јазиците во двете земји.