Договорот од Преспа не го решава проблемот, туку го интензивира, не го архивира, туку го одржува, рече Кирјакос Мицотакис, претседателот на најголемата грчка опозициска партија Нова демократија во обраќањето на крајот од третиот „Тесалоники самит“, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис од Солун, уште еднаш го повтори ставот дека неговата партија нема да го поддржи Договорот од Преспа, објаснувајќи зошто тие сметаат дека договорот меѓу двете земји е лош договор.
– Уште еднаш ќе кажам, Договорот од Преспа е лош договор. Нова демократија нема да гласа ниту во сегашниот парламент, ниту во следниот, доколку не биде ратификуван во овој парламент. Оние работи што сега веќе се гласаат во Скопје, се полоши и од почетниот текст договорен меѓу господинот Ципрас и господинот Заев, како што отпосле беше принуден да признае дури и господинот Коѕијас, основниот преговарач за договорот. На кратко, Договорот од Преспа не го решава проблемот, туку го интензивира, не го архивира, туку го одржува, надополнувајќи го со дополнителни негативни завршени работи за иднината, рече Мицотакис и додаде дека „погрешните управувања од страна на владата, за жал веќе ги отруја општествата и од двете страни“.
Со оглед на тоа дека говореше на самитот организиран од Федерацијата на индустрии од Северна Грција, Мицотакис се задржа и на економскиот аспект на Договорот од Преспа за кој смета дека е негативен.
– Договорот Ципрас- Заев е договор што не им служи на нашите национални интереси и во областа на економската соработка, нешто што особено ве интересира. Мојата процена е дека на крај ќе создаде повеќе проблеми од тоа што се претпоставува дека ќе реши, рече Мицотакис и ги потсети присутните на податоците од минатата година дека Грција е трет најголем снабдувач и трет по големина трговски партнер на Македонија.
Лидерот на Нова демократија ги спомена и областите во кои има трговска размена, но и „милионите пристигнувања од соседната земја“.
– Сѐ ова што ни кажува? Покажува дека и покрај 25-годишното национално нерешено прашање во нашите билатерални односи, и покрај речиси 10 годишната криза во Грција, и покрај големите технички, административни проблеми на царините, нашите економски односи останаа блиски. Како што во суштина остана пријателски и односите на двата народи, кои во суштина не беа никогаш нарушени, иако постоеше ова нерешено прашање, рече Мицотакис и изрази стравување дека можеби овие односи сега се повредени поради Договрот од Преспа.
Лидерот на најголемата грчка опозициска партија, говорејќи за регионот и земјите од Балканот рече дека Нова демократија ја поддржува европската перспектива, но само доколку се исполнат предусловите.
– Грција, јас лично и секако Нова демократија ја поддржуваме европската перспектива на Западен Балкан , но непроменлив предуслов за успешно да се заврши овој тек е комплетна усогласеност со европското законодавство. Во ова е вклучено не само владеењето на правото, туку и правилата на добрососедски односи, но и почитувањето на правата на националните малцинства, истакна претседателот на Нова демократија.
Мицотакис порача дека 100 години по крајот на Првата светска војна никогаш не треба да се заборави дека „едно е здравиот патриотизам, а друго национализмот“, бидејќи, како што рече, патриотизмот дозволува градење мостови на соработка, а национализмот води до градење ѕидови на изолација, нешто што според лидерот на Нова демократија, особено важи за регионот на Балканот.