Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека неговата партија ќе биде фокусирана да состави парламентарно мнозинство и да ја состави новата Влада. Тој во своето обраќањето посочи дека ќе има преговори со сите албански, но и со македонски партии. Мицкоски, додаде дека што и да се случи, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат фокусирани кон сите предлози за борба против криминалот и корупцијата.
– ВМРО-ДПМНЕ во изминатиов период и во периодот кој што е позади нас, ќе биде силно фокусирана во формирање на ново парламентарно мнозинство што ќе поддржи Влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, Влада која што вистински ќе се справи со предизвиците, а не Влада која ќе фингира справување и од предизвиците ќе создава уште поголеми предизвици само да може одговорноста да ја префрли на друг. Но, што и да се случи, во преговорите кои ќе ги води ВМРО-ДПМНЕ и кои што ги водеше во деновите кои се пред нас, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои што ќе бидат дел од овој парламентарен состав, ќе бидат фокусирани исклучиво во предлози кои ќе значат вистинска борба против криминалот и корупцијата, нешто што претставува исклучителен предизвик за сите политичари бидејќи на овие избори граѓаните силно говореа дека довербата во политичките елити е на најниско ниво – рече Мицкоски.
Тој во обраќањето рече дека со Заев се согласува само во делот дека државата треба да има Влада која ќе биде стабилна и да трае четири години.
– Се согласувам дека се потребни четири години стабилна Влада, која ќе биде реформски ориентирана, Влада која што ќе нема луѓе позади кои ќе има бројни коруптивни афери, луѓе кои во минатото видовме како посегнуваат по мито и корупција, луѓе кои се аболирани за сторен криминал. Да, се согласувам со господинот Заев во една работа, дека е потребна Влада во која ќе партиципираат луѓе кои нема да бидат обременети со криминал и афери од минатото нивно политичко делување, туку вистинска четиригодишна Влада која што ќе ги спроведе сите оние реформи кои се неопходни, пред се реформите во судството, реформите во здравствениот систем – додаде Мицкоски.