Го поздравувам чекорот на СДСМ да ја поддржи резолуцијата која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието. Резолуцијата ги содржи националните црвени линии од кои ниту една Влада не смее да отстапи, напиша на својот фејсбук статус, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги обединува сите општествени и политички фактори и да биде носечкиот столб за заштита на националното ткиво и стратешки цели на Македонија. Покажуваме дека обединети сме посилни – пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој во својот статус се заблагодарува на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА, за, како што потенцира, нивниот придонес со создавање на текстот на резолуцијата.
Мицкоски изразува благодарност и до сите политички партии, и од опозицијата и од владејачкото мнозинство кои како што пишува биле спремни да ја поддржат Резолуцијата.
Изрази надеж дека изјавата од СДСМ е искрена и се базира на сериозните аргументи кои тие како партија ги понудиле.
– Доколку СДСМ не постапат според денес кажаното или доколку се обидат низ процедурални собраниски трикови да го закочат носењето на оваа Резолуција, тогаш ќе направат штета за Македонија. Време е Македонија да престане со лошата пазарџиска дипломатија. Македонија има повеќе ум и мудрост од сѐ што видовме досега – напиша Мицкоски.