Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се сретна со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.

На средбата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја изрази големата благодарност за помошта која Унгарија и ја даде на Македонија во текот на кризата со пандемијата, но и поддршката која континуирано ја дава неговата држава на нашите евроинтеграции. Воедно се заблагодари за донацијата на вакцини против коронавирус, што после помошта од нашиот северен сосед, е втора поединечна донација на држава пријател на Македонија.

– Беше афирмирана потребата од скорешен старт на безусловни преговорите на Република Македонија и Европската Унија, бидејќи тоа го заслужуваат граѓаните на Македонија и истото ќе значи реални реформи со помош на нашите европски партнери – истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Македонија за жал поради состојбата во која се наоѓа, секој месец трпи назадување на сите полиња, а особено на полињата на борба со криминалот, владеењето на правната држава, економијата и речиси сите аспекти на живеењето. Откочувањето на процесот би бил гаранција дека нема да се случуваат скандали од типот печатење на 214 официјални пасоши на светски криминалци, злоупотреба на европски средства, криминални тендери или јавни набавки во кои највисоки структури на власта на дневна основа се поврзуваа со криминални скандали и коруптивни афери, како што посочи Мицкоски.


Мицкоски и Туск телефонски разговарале за состојбите во Македонија

Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски соопшти дека имал телефонски разговор со претседателот на Европската народна партија Доналд Туск, кој воедно беше поранешен претседател на Европскиот Совет и премиер на Полска.

– Разговаравме за актуелните случувања во земјава, го информирав за високиот степен на криминал и инволвираноста на високи претставници на владата во таквиот криминал кој поминува неказнет, како и широката распространетост на корупцијата и гушењето на слободата во земјата. Не е можен напредок, со корумпирано судство, не се можни фер избори со поткуп, и двојни стандарди. Не е можна нормалност со силеџиска и исплашена влада која турка закони за лични интереси на грбот на народот. Договоривме со Туск понатамошна соработка и поддршка во рамките на заедничките процеси во интерес на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија. Благодарност за поддршката! – напиша Мицкоски.