Само политички аматер како Заев може да потпише еден таков договор во кој историјата ќе биде критериум за напредок на државата за ЕУ, протестите се начин да ја спаси народот државата, изјави Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на денешните протести пред МНР.

– Најпрвин ќе ми дозволите да изразам благодарност до луѓето кои се овде пред платото на Владата, но и оние кои се денес пред платото на зградата на МНР кои на еден мирен, достоинствен начин го изразуваат револтот и несогласувањето со овие погрешни политики предводени од Зоран Заев и Владата која тој ја предводи.

Молам за разбирање затоа што ова навистина се историски моменти за нашиот народ, за македонскиот народ, за македонската нација и македонската држава.

Ова се моменти кога се одлучува иднината на нашите деца и внуци и затоа навистина овој пат треба да реагираме промптно и одлучно. Во минатото често пати повторувавме дека не треба да се потпишуваат договори на егзебиционистички начин, договори чија содржина наместо да биде решение ќе претставува проблем. Тоа го зборувавме и кога се потпишуваше Договорот за пријателство и добрососедство со соседна Бугарија.

Морам да напоменам дека ВМРО-ДПМНЕ и во минатото и другите влади преговарале за постигнување на еден таков договор, но никој буквално ни една влада не се дрзнала да потпишат таков договор со таква содржина, бидејќи доколку вие во договор го ставите проблемот со кој се оспорува потеклото, коренот на вашиот јазик, договор во кој се оспоруваат историските факти, и бидат фактички критериум за понатамошно ваше полноправно членство во ЕУ не е договор.

И тоа никогаш нема да претставува договор кој ќе ја донесе Македонија во рамките на обединета Европа и дел од европското семејство, туку напротив претставува алатка на тие што се внатре континуирано да вршат уцена и терор врз македонскиот народ, врз македонската нација и врз македонската држава. За жал, тоа не успеа да го види Зоран Заев и само политички аматер може да потпише еден таков договор во кој историјата ќе биде критериум за напредок на државата во процесот на полноправно членство во рамки на ЕУ.

Жалам што денеска ние наместо да зборуваме за вештачка интелигенција, наместо да зборуваме за подобар и по конкурентен здравствен систем, среќни земјоделци, млади кои што овдека во Македонија ќе ја градат својата иднина и луѓе кои ќе сакаат тука да останат. Ние денеска зборуваме за исполнување на елементарното човеково право, а тоа е правото на самоопределување. Гласот од страна на меѓународната заедница е таков дека работи што не треба да се преговараат, треба да останата надвор од процесот за интеграција на Македонија во ЕУ, како што се идентитетот, обичаите, историјата, јазикот, итн. За жал овие понизни и сервилни политики на Владата предводена од Зоран Заев не доведоа во една ваква ситуација кога буквално помеѓу асимилација и интеграција. Затоа час поскоро оставка и затоа ги повикувам скопјани и утре со почеток во 15 часот заклучно со 16.30 да ни се приклучат овде пред платото на Владата но и пред Министерството за надворешни работи повторно да го изразиме нашиот револт против овие политики кои што на таинствен начин ги води Владата на Зоран Заев.

Оние преговори за кои Зоран Заев велеше дека се водат на ниво на работни групи, а пак оние гласноговорници на СДСМ поитаа да го демантираат Зоран Заев и да кажат дека нема такви преговори.

Народот заслужува да ја знае вистината, ВМРО-ДПМНЕ заслужува да ја знае вистината. ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која што денеска во рамките на Парламентот во комисијата за надворешни работи иницираше расправа за заеднички став, за заедничка позиција и консензус во преговорите кои што се дел од овој договор за добрососедство со нашиот источен сосед.

Но за жал од парламентарното мнозинство тој предлог беше одбиен и за жал уште еднаш го покажаа своето лицемерие во полн блесок – изјави Мицкоски.


Милошоски: Со кое право викендов Османи преговарал за историјата, јазикот и интересите на македонскиот народ   

Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешното свое обраќање на протестот кој се одржа пред МНР под мотото „Оставка за Заев, слобода за народот“ побара оставка од они кои викендот преговараа со нивните колеги од Софија односно од министерот за надворешни Бујар Османи и неговите соработници.

– Најпрво да ви се заблагодарам за присуството и да го поздравиме министерот Бујар Османи со едно барање на оставка. Оставка од тие кои овој викенд беа затворени во МНР, министерот и тројца негови соработници и преговараа целодневно со нивните колеги од Софија, во чие име преговараа што преговараа и што договорија, на чија сметка, кој им дал мандат да преговараат она што е традиција, интерес, историја, книжевност и јазик на македонскиот народ.

Затоа, почитувани, да не се чудите зошто Бујар Османи и Никола Димитров и Зоран Заев не доаѓаат во Собрание, затоа што тие се навикнати на тајни преговори. Тајни преговори кои потоа ќе ги плати народот како што и досега и овие неуспешни политики на владата ги плаќа народот. За жал она што го ветуваа живот за сите и европска Македонија гледаме дека денес стана само полошо место за живеење оваа држава предводена од Зоран Заев, од корумпирани политичари кои што националните интереси го гледаат само како предмет, а преговораат за да може да останат во фотелјите во кои што се наоѓаат – рече Милошоски.

Тој во своето обраќање потсети и на онаа фотографијата од 2018 година дека Македонија добила датум за преговори.

– Заев и Бујар Османи  и Никола Димитров се сеќавате на онаа легендарната фотографија во 2018 година дека сме добиле датум, каде е датумот, дали некој од нив го украде датумот, ние знаеме од овие тројца кој го украде датумот, но еве нека се произнесат тие – додаде тој.


Трајаноски: Народот нема да дозволи разнебитување на земјава  

На протестот на ВМРО-ДПМНЕ кој се одржа пред Владата се обрати и Коце Трајановски. Тој порача дека сега е време да се побара оставка од Зоран Заев кој ги распродава националните интереси како на тезга.

– Тука денес гледам од сите националности, Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, и останати. Сите ние заедно се собравме овде денеска на овие блокади, бидејќи овие блокади се за да ја спасиме Република Македонија. Да ја спасиме државата од распродавањето кое го врши Зоран Заев и Владата – истакна Трајаноски.

Трајаноски додаде дека поради тоа ВМРО-ДПМНЕ сака да го спречи распродавањето на националните интереси побара лидерска средба, побара Декларација на која што ќе се обединат сите политички партии за да се кажат кои се црвените линии на Република Македонија. Но Зоран Заев и неговата екипа одбија.

– Црвените линии требаа да се дека Македонија има многувековна и многуилјадна историја. Дека Македонија и Македонците не потекнуваат од Бугарите. Дека македонскиот јазик не е дијалект на бугарскиот јазик, дека постојат македонски малцинства во сите соседни држави вклучително во Република Бугарија и треба да се почитуваат нивните права – нагласи Трајаноски.

Трајаноски посочи дека ни во сон не може да се менуваат историските факти.

– Не може да го прифатиме тоа дека демек Бугарите биле администрација, а ен окупатори. Не можеме да прифатиме дека Крива Паланка, Куманово и Скопје биле наводно ослободени Бугарите. Тие градови се ослободени од народноослободителната војска на Македонија во која што имало учесници од сите националности – рече Трајаноски.

Според него, многу училишта денес ги носат имињата на паднатите борци Кочо Рацин, Корчагин, Орце Николов и многу други.

– Не треба да дозволиме понатамошно наше понижување, затоа не треба да дозволиме да не срамат пред светот. Поради тоа народот се дигна на овие блокади. Народот ќе победи во оваа битка. Владата треба да даде оставка бидејќи сето она што го прави е лошо за Република Македонија. Ова е разнебитување на Република Македонија – порача Трајаноски.