Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку социјалните мрежи обвини дека премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Никола Димитров, шефот на дипломатијата Бујар Османи и специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски се спремни утре да ги прифатат барањата на бугарските политичари.
– Овој квартет кој државава ја чини многу скапо ќе отпатува во Софија, каде се спремни да дадат бел лист хартија кој бугарските политичари треба да го натоварат со барања, исти онакви какви што се содржани во бугарската Декларација со која се негира јазикот, идентитетот и историјата на Македонија – посочува лидерот на опозициската партија.
Мицкоски вели дека она што тимот предводен од Заев ќе го прифати, подоцна ќе треба да се реализира со исчекување на новата влада во Бугарија.
– Загрозени се националните и државни интереси, Заев им дава поклон кој многу скапо ќе ја чини нашата држава – додава претседателот на ВМРО-ДПМЕ, кој апелира македонскиот народ свесно и будно да ја селди состојбата и да не дозволи, како што вели, ново предавство.
Премиерот Зоран Заев реагира на обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека македонскиот идентитет е изгубен и дека утре во Софија македонската делегација ќе ги прифати барањата од Бугарија со кои се негира јазикот, идентитетот и историјата на Македонија. Според него, најверојатно изгубен е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
– Имаше и обвинувања дека преку Преспанскиот договор ќе го изгубиме идентитетот. Ќе прашам јавно, зарем може изгубен идентитет повторно да го изгубиме. Тој ниту бил изгубен, ниту ќе се изгуби. Изгубен е најверојатно господинот Мицкоски и ако некој го пронајде нека го врати во ВМРО-ДПМНЕ, ама не верувам дека и таму ќе биде нешто од помош – рече Заев.
Претходно од Владата најавија дека премиерот Заев придружуван од вицепремиерот, Никола Димитров, и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, утре ќе замине во посета на Софија со цел за наоѓање решенија за отворените прашања.