Партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ е дека преговорите со Унијата треба да почнат веднаш, изјави првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој денеска беше во посета на Гевгелија.
Според Мицкоски, Македонија веќе одмна ги исполни условите за почеток на преговорите со ЕУ.
– Преговори треба да се случат утре, а ЕУ треба да си го исполни ветувањето што му го даде на овој народ дека веднаш по исполнување на критериумите, со кои Зоран Заев нè понижи како народ и нација, ќе го отпочнеме патот кон полноправно членство – рече Мицкоски.
Тој додаде дека целта на Заев е само да добие датум за преговори, што е различно од отпочнување преговори и кое што во суштина не гарантира ништо и со тоа да прави парада пред македонските граѓани.
– Заев го советуваше нашиот сосед Бугарија да дадат само датум а притоа имаат многу можности да го блокираат членството на Македонија во Унијата. Но македонските граѓани заслужуваат многу повеќе од тоа и заради тоа ЕУ треба да го исполни ветувањето за полноправно членство – рече Мицкоски.
Сепак, како што нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ова не се преговори за премиерот Заев, туку за граѓаните.
– За овој народ посакувам ведрина, а тоа ќе се постигне ако ЕУ си го исполни ветувањето – додаде Мицкоски.