На средбата со Али Ахмети генерално разговаравме на две теми, еден час траеше средбата. Првата тема беше спорот со нашиот источен сосед каде ги повторив нашите тези, принципиелниот став да се почитува резолуцијата усвоена од парламентот. Изразив загриженост од фактот дека колку повеќе ги напуштаме нашите преговарачки позиции толку повеќе барањата од Бугарија се поголеми и на тој начин се уништува преговарачката позиција на државата. Ценам, јас лично дека треба да се напушти принципот на коленичење и сервилност, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
– Треба да покажеме карактер и треба да се вложиме максимално сите за да го покажеме тој карактер. Тоа е мојата порака. Доста е веќе од понижување, доста е од срамови, народот е фрустриран. Многу остапки направи оваа 30 годишна независнот, а всушност уште сме во предворјето и не можеме да го почнеме тој процес на преговори – рече Мицкоски.
Тој додава дека другата тема на која разговарал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се предвремените парламентарни избори.
– Имајќи предвид дека како ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период бевме предмет на критика од страна на јавноста бидејќи бевме молчаливи и не бевме присутни во јавноста. Тоа беше со причина да не се најде изговор дека ВМРО-ДПМНЕ е виновна бидејќи ние не добиваме датум за преговори – рече Мицкоски.