Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во текот на попладнето престојуваше во Кичево, каде што имаше средба со граѓаните, пензионерите и со најмладите од градот. Тој во најголемата градска населба „Ламели“ имаше обраќање пред многубројните членови и симпатизери, од кои ја побара поддршката за нивниот кандидат Гордана Силјановска-Давкова, а со добивањето на нов претседател од оваа партија, како што рече тој, Зоран Заев ќе биде приморан да распише и предвремени парламентарни избори, што според Мицковски, било ветено од страна на премиерот.
Мицковски во своето речиси едночасовно обраќање истакна дека деновиве престојувал во Брисел, каде што добил безрезервна поддршка за нивниот кандидат од страна на сестринските партии.
Според Мицкоски, ако Силјановска-Давкова биде избрана за претседател, и ако Зоран Заев не го исполни ветеното, тој и неговото членство ќе излезат на улиците, и таму ќе останат се дотогаш додека не се распишат предвремени парламентарни избори.
– Зоран Заев вети, ако го поразиме на претседателските избори единствено што треба да направи е да распише предвремени парламентарни избори, а ние од Брисел му порачавме дека ќе го држиме за збор, и порано или подоцна, ќе мора да го исполни ветеното, и мора да распише предвремени парламентарни избори и да си ја добие заслужената казна заедно со својата тајфа – истакна во своето обраќање Мицковски.
Тој најави и телевиски дуел со Зоран Заев за неколку дена.
– Добро е што конечно се охрабри, и за неколку дена ќе се сретнеме на Канал 5, ќе се соочиме како јас што се соочувам со вас денес, па ќе можеме да разговараме за вистината, не за онаа вистина која што Заев и неговите послушници ја презентираат во Македонија, туку за реалната вистина со која секојднено се соочуваме – додаде Мицкоски.
На крајот, лидерот на опозиција ги повика граѓаните да излезат на 21 април на избори и да го подржат нивниот кандидат професорката Гордана Силјановска-Давкова. З.А.