ВМРО-ДПМНЕ смета дека одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да не го потпише Законот за ратификација на Договорот за спорот со името меѓу Македонија и Грција е исправна, водена од потребата на заштита на Уставот и државата, и оти за тоа има и сериозни правни аргументи, вели претседателот на партијата Кристијан Мицкоски. Најавува бојкот и на следната седница на која тој договор ќе биде ставен повторно, а го овтори и ставот дека нема да поддржат уставни измени со цел промена на уставното име.
– Претседателот Иванов има сериозни и силни аргументи за неговата постапка. Стоиме позади неговата одлука и ја поддржуваме бидејќи сите избрани функционери дале заклетва дека ќе ги почитуваат и штитат Уставот и законите, а тој тоа и го прави, рече Мицкоски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 ТВ.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ го охрабрува македонскиот претседател да опстои на оваа политика, бидејќи, рече станува збор за капитулантски Договор на Владата на Заев.
Најави дека кога Законот ќе биде ставен повторно на собраниска седница, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат, затоа, што, како што рече, немаат намера да бидат соучесници во продавањето на интересите на Македонија и во кршење на процедурите, законите и Уставот на државата.
Го повтори и ставовите за штетноста на Договорот, за губење на стекнатите идентитетски права, како и ставот на партијата дека никогаш нема да поддржи промена на Уставот со цел промена на уставното име на државата.
Во врска со евентуален референдум, партијата, потенцира Мицкоски, ќе почека да се види дали и каков референдум ќе има, дали обврзувачки или консултативен, какво ќе биде прашањето, како ќе се организира и така согласно условите ќе ги гради ставовите и ќе реагира.
– ВМРО нема да дозволи во никој случај да биде дел од туѓи сценарија. Ќе делува институционално, демократски, но не е исклучена можноста за организрање масовни протести и настани, во периодот што следува. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува и поздравува сите мирни протести кои се во насока на критика на ова капитуланстско дело, рече Мицкоски, додавајќи дека нема да поддржат протести кои би кулминирале со некави сценарија, со инфилтрирани радикални елементи и насилство.
На прашањето дали се вистините информациите дека 10 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ би поддржале промена на Уставот, односно би го обезбедиле потребното дво-третинско мнозинство, Мицкоски рече дека тоа се пусти желби на власта и доколку тоа би било така не би имале потреба да спроведуваат референдум, туку веднаш би можеле да го променат македонскиот Устав.