Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврди дека заедно со шефот на државата, Стево Пендаровски, постигнале договор дека осудените за настаните од 27 април треба да побараат судење, кое ќе почне од почеток, а политичарите да ги држат настрана рацете од судството и Обвинителството.
Тој посочи дека се разговарало и на други теми, како и за актуелните случувањата во политиката. Мицкоски неколкупати рече дека од адвокатите на осудените за 27 април дознал дека тие веќе имаат нови докази, кои се причина за одново да им се суди.
– Не бараме амнестија, туку правда. Тоа значи дека овие луѓе, кои се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок поради непостапување е драконски, треба да ја добијат пресудата во втор степен за да побараат правда во трет степен. Ако можеше случајот ‘Сопот’, па и ‘Монструм’, кој поради една изјава на Зоран Заев кога беше во опозиција и кажа дека обвинетите не се сторители, не гледам зошто овие т.н. терористи според Кацарска и Зоран Заев, според новите докази што ги имаат бранителите, да не го почнат од почеток процесот и да докажат дека не се терористи, но сториле прекршување на законот, а не затоа што некој нарачал и дивеел со судските одлуки. За тоа најдовме разбирање – рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ги одмрзнал односите со Пендаровски, а тоа би го направил секогаш кога ќе може да спаси барем еден живот.
– Ние разговараме за правда, тоа е основното нешто. Ние сме политичари што треба да се грижат за граѓаните да имаат загарантирана правда. Нема да бидам мирен ако има и еден човек што доживеал неправда. Нема да престанам да се борам за правда за сите граѓани. Ќе се борам до последна капка крв за секој граѓанин. Ние покрај тоа што зборувавме за неправедно осудените за 27 април, не споменавме амнестија, туку правда. Во оваа држава треба да има правда, без разлика дали е Саздо, Алмир, Томче, Христијан. Сите сме граѓани на Македонија – додаде Мицкоски.
Според Мицкоски, тој и натаму ќе има согласувања и несогласувања со Пендаровски и тоа го оцени како нормално.
– Не бараме амнестија, не бараме милост, туку правда за осудените лица. Правдата практично и осудено лице ја побара во завршните зборови. Тој рече: ‘Да, сум направил грешка и сум ги прекршил законите, но не можете да ме осудите за тероризам, јас си ги сакам државата и народот и никогаш нема да бидам терорист’. Ова што го барам не е амнестија, туку правда. Истото тоа што го имаа како можност оние осудени за ‘Сопот’, како и за ‘Монструм’. Врз основа на овие докази да има судски процес бидејќи овие не може да бидат обвинети за тероризам – посочи Мицкоски.
Мицкоски разговарал со претседателот и за актуелни теми, како и за инвестициите во државава.
– Разговаравме за загрижувачката состојба со криминалот и корупцијата, а ние сме најкорумпираната држава за која постои мислење дека ја води најкорумпираната Влада. Разговаравме за инвестициите, за новиот клиничкиот центар, за други проекти. Се договоривме да одржуваме контакт и понатаму да комуницираме за крупни теми, кои значат за Македонија и граѓаните – додаде Мицкоски.