Кај нас неспособноста на владата е еднакво опасна колку и самиот вирус, останете дома граѓани и заштитете се, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во видеообраќање до јавноста.
– Гледајќи ги денешните резултати од справувањето со коронавирусот сакам да ја споделам со вас мојата тага, Македонија никогаш, никогаш не била во полоша состојба од денес. Загубата на нашите најблиски, роднини и пријатели, за министерот и премиерот се само ноќна статистика. Но, сакам да ги потсетам дека тие луѓе кои ги губиме биле прекрасни родители, дедовци, работници, доктори или учители кои сме ги изгубиле засекогаш, и како семејства и како држава – рече тој.
Мицкоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ неколку пати апелирала да се ослободат хронично болните од приватниот и државниот сектор.
– Апелиравме за да ги заштитиме, но Заев и Филипче останаа глуви не знам од кои причини. Затоа треба да знаат дека секоја човечка загуба е дел и од нивната одговорност. Болниците се полнат, медицинскиот персонал е преморен. Ова е тежок пораз за државата, а цената ја плаќаат граѓаните – кажа Мицкоски.
Тој ги замоли граѓаните да останат дома ако немаат потреба за излегување.
– Бидете на сигурно, со вашите блиски. Носете маска и заштитете се. Ако владата не е способна да ви помогне, помогнете си сами. Секој човек е важен, и животите не се бројки и проценти. Македонија, за жал, е една земјите кои најлошо се справуваат со пандемијата во Европа – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.