Македонија тоне на секое поле, а големиот степен на корупција во земјава ги коси сите меѓународни стандарди, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој заедно со Александар Николоски оствари средба со амбасадорката на Обединетото Кралство во Македонија, Рејчел Галовеј.
Од опозициската партија посочија дека на средбата се разговарало за актуелните случувања, а Мицкоски истакнал дека во Македонија тешко се живее, додека ветувањата за развојна економија на власта резултирале со економско дно за граѓаните.
– Претседателот Мицкоски на амбасадорката и ги пренесе причините за се поголема загриженост на ВМРО-ДПМНЕ за начинот на кој власта и институциите се справуваат со големиот степен на корупција во земјава која ги коси сите меѓународни стандарди, како што се скандалите поврзани со издавањето на македонски пасоши на криминални картели, како и потопеноста во криминалните дејствувања на одредени функционери од власта и недоволниот број на суштински реформи е само тапкање во место на меѓународната интеграција на земјава – наведе ВМРО-ДПМНЕ за средбата.
Мицкоски истотака истакнал и дека немањето на доволен број на инвестиции како и навистина катастрофалната реализација на капиталните расходи, но и екстремното задолжување кое стигна над 60 отсто од БДП не им овозможува на македонските граѓани стабилна иднина.
Мицкоски ѝ се заблагодари на амбасадорката Галовеј за поддршката која Обединетото кралство ѝ ја дава на Македонија, како и интересот да се слушнат проблемите на граѓаните по насока на создавање подобри демократски капацитети и дијалог за изнаоѓање на решенија за суштински реформи.