Очекувањата се дека на 1 јули цената на електричната енергија ќе поскапи за минимум од 15% до 18%, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, додавајќи дека единствен спас за да не се случи тоа е предлогот што го дава неговата партија, а тоа е намалување на ДДВ-то на сметките што ги добиваат граѓаните.
– Оние 62% кои остануваат во најголем дел се цената за струјата што досега ја обезбедуваше ЕСМ, или поранешно ЕЛЕМ, по цена од 38,5 евра за мегават час. Таквата цена доведе компанијата што на времето имаше 1,5 милијарда евра депозити и 350.000 на сметка и нула долгови, во 2020 да заврши со загуба од 1 милијарда и 33 милиони денари или речиси 17 милиони евра. Како резултат на тоа, доведена е во прашање ликвидноста на компанијата, засилена со грабежот што се случува таму. ЕЛЕМ ќе понуди цена на електрична енергија која се очекува да биде помеѓу 55 и 58 евра за мегават час. Тоа ќе биде 70% од потребите на ЕВН ХОМЕ, односно од потрошувачите кои добиваат сметки од ЕВН. Останатите 30% ќе биде цената што ќе ја понудат трговците, а таа во моментов на берзите изнесува околу 70 евра. Кога сето ова ќе се сведе на вкупна цена, очекуваме дека граѓаните ќе плаќаат најмалку 18% поскапа цена – појасни Мицкоски.
Токму поради ова, додаде Мицкоски, неговата партија излегла со предлог за намалување на ДДВ-то на сметките за електрична енергија од 18% на 5%, кој, според него, Регулаторна комисија сакала да си го присвои како свој предлог.
– В ред, нека е нивен, но нека поднесат предлог за намалување на данокот и на тој начин ќе ги заштитат граѓаните и нивните сметки. Државата ќе се откаже од 90 до 100 милиони евра на сметка на граѓаните. Доколку Бислимоски не го поднесе предлогот, ќе го сметаме за соучесник во грабежот и осиромашување на овој народ и ќе се соочи со гнев и протести сè до негова оставка бидејќи тој е најодговорен – нагласи Мицкоски.