Падот на листата на економските слободи на „Херитиџ“ не е до перцепцијата, туку до лоповлукот на Владата, пишува опозицискиот лидер Христијан Мицкоски во статус на социјалните мрежи.
Тој вели дека станува збор за пад од 8 места на индексот на еконмските слободи, односно од 33. на 41. место за оваа година.
– Пред нас се Казахстан, Руанда, Боцвана. Државава падна од групата на главно слободни држави во групата на умерено слободни земји. Како една од забелешките се јавните трошења на државата за социјални трансфери, поточно поткупот што го правеше Владата за време на изборите наместо инвестирањето во капитални трошења. Воедно, се забележува на високото ниво на корупција и недостигот на борба против криминалот – пишува Мицкоски.
Тој нагласува дека со ова за два дена се забележани два тешки пада за државата во две клучни области откако вчера во извештајот на „Транспаренси“, Македонија беше рангирана најлошо досега во борбата против корупцијата.
– Сите меѓународни институции алармираат на она што се случува во државата. Ниту правда има ниту развој на економијата. Ова е полошо од мафија. Оваа Влада ја краде иднината на сите и ја распарчува државата. Потребни се оставки, одговорност и обезбедување иднина – пишува Мицкоски.