Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Охрид истакна дека на Македонија и е потребна иднина која ќе даде сигурност, еднакви можности, но и ќе донесе победи кои ќе не однесат помеѓу најдобрите во Европа. Токму затоа тој ги повика граѓаните да се придружат и да ги поддржат политиките и кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за да може да се создаде успешна држава за која ќе живееме и ќе се бориме.
Мицкоски посочи дека време е за нова страница, за нова борба, за нов патриотизам кој што ќе не обедини, треба да се надраснат поделбите бидејќи борбата е заедничка.
– Државата ќе ни даде нам, кога и ние ќе направиме нешто за нашата Македонија. За ВМРО-ДПМНЕ ова е битка за чест, и достоинство, така било секогаш било во историјата. Најодлучните ги обединувало, најпаметните го сонувале она што денес го имаме, и треба да го развиеме. Овој пат тоа е бајракот на успехот, надежта и иднината. Тоа е твој бајрак. И сите оние кои сега ме слушаат и се двоумат или имаат било каква задршка сакам да ви го порачам следното – знај го носам и твојот бајрак, а под него има место за сите. И за тебе, и за твоите блиски зошто ова е и твојата битка. Зошто Македонија е наша и единствена – потенцираше Мицкоски.
Тој вели дека за него победа е кога ќе се избориме за повисоки плати, кога Македонија ќе ги сруши границите и ќе биде дел од Европа.
– За мене победа е кога нема да има разлика во Австрија со стандардот. За мене победа е кога ќе се бориме за среќата на нашите деца. За мене победа е кога ќе има одговорност за оние 14 загубени животи во Тетово, и кога заеднички ќе славиме за 14 спасени животи. За мене е победа кога криминалците ќе одговараат, а чесните ќе победуваат. За мене е победа силна и заедничка просперитетна Македонија – нагласи Мицкоски.