Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Прилеп изјави дека немаат намера да го поддржат Закон за јавно обвинителство што нуди амнестија на политичари од минатото.
– Да ја слушниме јавната расправа, да видиме што ќе се зборува и потоа да извлечеме сиже. Ако кажаното од експертската јавност биде преточено во текстот на предлог-законот за јавно обвинителство тогаш како ВМРО ДПМНЕ ќе го поддржиме. Но овој старо-нов предлог за Законот за јавно обвинителство ниту имаме намера ниту
ни паѓа на памет да го поддржиме затоа што не сакаме да поддржиме аболиција и амнестија на политичари од минатото – изјави Мицкоски при денешната посета на Прилеп.
Мицкоски посочи дека со вакво СДСМ државата оди во амбис и дека по 12 април граѓаните ќе имаат можност да добијат граѓанска Влада која ќе се грижи за нивните потреби. Мицкоски денеска во рамките на кампањата „Обновата пред Вашиот дом“ оствари средба со дел од вработените на „Еурокомпозит“ кои немаат земено многу месеци плата, со стопанствениците во Регионалната стопанска комора и ја посети ПИ
„Витаминка“.
– Разговаравме за реалниот живот и што ние можеме како политика да промовираме во нашата програма пред изборите. Заеднички со граѓаните да извлечеме поука. Имаме знаење, план, визија како да ги решаваме проблемите. Нема да ветуваме чуда, нема да ветуваме нешто што не сме во можност да го испорачаме. Ние не сме Заев. Ние сме луѓе кои чесно настапуваме пред граѓаните. Со вработените од Еурокомпозит разгововаравме за алармантната состојба, за неисполнетите ветувања на владата на СДСМ. По 12 април Владата на ВМРО ДПМНЕ ќе понуди одржливо решение. Од стопанствениците ги слушнавме сите критики за сите влади наназад – рече Мицкоски и посочи дека презентирале програма што ќе биде применувана како економска политика.
Ка.М.