Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во интервју за МТВ, повтори дека ВМРО-ДПМНЕ бара распуштање на Парламентот за што денеска и официјално достави иницијатива, формирање на техничка влада и оставка на Претседателот на Владата, како што е регулирано со закон.
Според Мицкоски власта веќе трета година по ред излегува со истите тези, но дека не може да се замајува јавност кога има недостиг на сериозни проекти во енергетиката, инфраструктурата и во економијата.
Прашан дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на претседателски избори доколку СДСМ не излезе на предвремени парламентарни избори, Мицкоски рече дека СДСМ и Заев се плашат од избори затоа што знаат дека ќе загубат.
– ВМРО-ДПМНЕ е силно мотивиран и мобилизиран да учествува на тие претседателски избори кои што практично ќе ги победи и на тој начин силно ќе ја подотвори вратата на едни нови предвремени парламентарни избори, ако не сега барем на есен. Затоа е многу поважно да заштедиме на времето, затоа што притисокот на победата на опозицијата на претседателските избори ќе значат огромен товар за владата, изјави Мицкоски.