Фото: Собрание

Продолжува теророт на власта со злоупотребата на eвропското знаменце при носењето на законите во Собранието на Република Македонија, обвини координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

– Власта предводена од Заев и СДСМ стана синоним за кршење на процедурите и Деловникот со цел протнување на ненародни, недемократски и непопуларни закони. Шверцерското носење на закони во Собранието, стана одлика на владеењето на оваа ненародна власт. Имено, сакаме да ја информираме јавноста дека власта и владејачкото мнозинство во наредните денови, има намера да протне 12 нови закони злоупотребувајќи го токму европското знаменце. На тој начин, власта има за цел да си донесе закони без отворена дебата и суштинска дискусија за законите. Власта има за цел да ја оневозможи опозицијата овде во Собранието, да даде издржани и аргументирани забелешки. СДСМ и Заев сакаат сите овие закони да ги протнат без дискусија, шверцерски и недемократски – истакна Мицевски.

Меѓу законите, како што рече, е и предлог-законот за контрола на опојни дроги попознато во јавноста како Закон за марихуана. Уште еден закон кој е со европско знаменце е обемниот Закон за парнична постапка кој што има повеќе од 500 членови.

– За да ви биде појасно, проблемот во постапката со овој Закон е тоа што усогласувањето со правото на ЕУ се однесува на само неколку членови од вкупно 500. Ова е класична злоупотреба на европското знаменце и демонстрирање на самоволие од страна на власта. Уште еден контроверзен предлог-закон со кој власта има намера да го манипулира системот на избор на судии и јавни обвинители е предлог-законот за академија на судии и јавни обвинители. Овој закон, првично пред десетина дена беше поднесен во редовна постапка, па беше повлечен, за сега магично и преку ноќ, истиот да се поднесе со европско знаме – рече Мицевски.

Тој порача дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелира до власта и владејачкото мнозинство да престанат да ја уриваат парламентарната демократија и конечно да престанат со, како што рече шверцерското носење на законите.

Од ВМРО-ДПМНЕ ја повикуваат власта да го почитува Деловникот на Собранието и да ги презакажат матичните комисии.

Доколку, СДСМ, Заев и владејачкото мнозинство не го сторат тоа и не се повлечат од оваа налудничава идеја, јавно од оваа говорница им порачуваме дека ќе го блокираме Собранието на Република Македонија и носењето на секаков вид на закони, порача Мицевски.


Министерство за правда: ВМРО-ДПМНЕ манипулира, не се злоупотребува европското знаменце

Од Министерство за правда ги отфрлаат обвинувањата од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, дека Владата сака насила да „протне“ 12 закони со европско знаменце.

Оттаму велат дека повеќето од овие закони се на Министерството за правда и се дел од Стратегијата за реформи во судството чие спроведување е, како што наведуваат, наша обврска кон граѓаните и кон ЕУ.

– Дел пак, како на пример предлог-законот за академија за судии и јавни обвинители се работени во директна координација со Европската комисија. Дополнително, сакаме да потсетиме на процедурата, односно некој закон да добие европско знаменце не е важно колку членови се усогласуваат. Важно е само дали има усогласување или не. Во случајов секако дека има. Исто така, овие закони се дел од Националната програма за усвојување на европското законодавство и го имаат потребниот ЕПП број. Од партијата ВМРО-ДПМНЕ тоа добро го знаат и со жалење констатираме дека наместо да влезат во собраниска дебата со цел да дадат и свои предлози, тие свесно манипулираат на штета на реформите во судството, а со тоа и директно на граѓаните. Некои од овие Закони, како на пример оној за парнична постапка се двотретински, така што гласовите и соработката со опозицијата ќе биде потребна со цел заедно да придонесеме за судските реформи за кои толку многу говориме – се наведува во реакцијата.

Овие законски решенија, како што се додава, треба да обезбедат олеснети судски постапки во граѓанските предмети и зголемување на транспарентноста во работата на судовите. Велат дека некои од тие закони веќе одамна се подготвени од Министерството за правда, усвоени и испратени во Собранието, но поради блокадите на опозицијата тие долго време не се нашле пред пратениците.