Словенечкиот премиер Јанша се обидува да ја зацврсти својата домашна позиција преку сервилност кон Брисел. Накратко така гледаат политичките аналитичари од регионов и кај нас на необврзниот документ што словенечкиот премиер Јанша му го предал на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во врска со приоритетите на словенечкото претседателствување со ЕУ од 1 јуни. Меѓутоа, аналитичарите издвојуваат дека во овој момент таквиот предлог на словенечкиот премиер може да дејствува „исклучително токсично и на економијата и на општеството“ и во поширок контекст во регионот на т.н. Западен Балкан
Дали словенечкиот нонпејпер до ЕУ за прекројување на балканските граници е само плод на внатрешна политичка зовриеност?
Подготовките и најавите од Словенија, односно на премиерот Јанша за преземање на претседателството со ЕУ од 1 јули 2021, последнава седмица ги разбудија балканските подзаспани духови на поделби, недоразбирања и конфликти.
Имено, необврзниот документ за приоритетите на Словенија по преземање на претседателствувањето со ЕУ, во кој има елементи на менување на границите во регионот на Западен Балкан, многу брзо одекна како „бомба“ во јавноста. Иако исто толку брзо демантирана oд ЕУ и прогласена за непостоен документ, медиумите во регионот ги крена на нозе „програмата со приоритетите на словенечкото претседателство во која се открива амбицијата на словенечкиот премиер за конечен распад на Југославија“. Таквата намера, според „непостојниот“ нонпејпер, би требало да се спроведе со редефинирање на границите, пред сѐ на Босна и Херцеговина, односно меѓу Србија и Косово, па се оди и на можноста за отцепување на Република Српска од БиХ, но и припојување делови од Македонија и од Црна Гора со албанско мнозинство кон Албанија, како и приклучување на западна Херцеговина кон Хрватска… Дали во ваквите ставови од документот се препознава реактивирање на идејата за „голема Србија“ и „Голема Албанија“.
Сервилност на Јанез Јанша кон одредени кругови во ЕУ
Ваквата „европска визија“ на словенечкиот премиер Јанша, која се чини и по три децении никако да се ослободи од неговата политичката опсесија за целосно демонтирање на веќе непостојната југословенска федерација, политичките аналитичари од регионот оценуваат дека сепак е резултат само на желбата да ја зачува власта во својата земја. Процените се дека ако изборите во Словенија се одржат сега, политичките односи во словенечкиот парламент секако би се промениле. Со нонпејперот за ЕУ, се смета дека словенечката политичка криза достигнала ново ниво. Сега, владината коалиција ја предводи Јанез Јанша, но на чело на државниот Збор (Собрание) е Игор Зорчич, кој ја напуштил коалицијата. По таквиот чекор, владејачката коалиција иницирала постапка за разрешување на Зорчич, но успеала да собере само 45 гласа, еден помалку од потребните 46 (словенечкиот парламент има 90 пратеници). И така, Словенија има многу ретка ситуација, во која Владата нема претседател на парламентот. Коалицијата има само 38 гласа и зависи од добрата волја на двата пратенички блока.
Неизбежна констатација е дека Јанез Јанша со своето присуство ја има обележано модерната историја на Словенија, иако не со конструктивно дејствување. Завршил студии по општонародна одбрана и општествена самозаштита и прво вработување му било како воен референт. Но веќе во раните 1980-ти започнува да ја критикува тогашната ЈНА, за кулминацијата да настапи со објавување на текстот во „Младина“, за кој ЈНА заклучува дека е откривање воена тајна. Поради тоа завршува во затвор, со што станува еден од првите придвижувачи на протестите на тогаш веќе силното опозициско движење во Словенија. Во првата словенечка влада по демократските избори ја добива позицијата на министер за одбрана. Сепак, и во самостојна Словенија, политичкото дејствување на Јанша и понатаму е контроверзно, па познавачите на тамошните политички околности го дефинираат како „политика на бинарна основа: оние што се со мене и сите други, кои автоматски се против мене“. За време на изборната кампања во 2014 година, Јанша повторно мора да оди во затвор поради аферата „Патриа“, во која било откриено дека при купување од 2008 година, на оклопните возила „патриа“ во Словенија, имало корупција. Но сепак бил избран за пратеник, па државата била доведена во уникатна ситуација: Јанша добил одобрување од затворот да доаѓа на седниците на парламентот, за конечно Уставниот суд да одреди дека му се укинува пресудата поради нарушување на човековите права.
Касти од ЕУ преку Јанша гледаат своја шанса, но и обратно
Свесен дека му се отворила нова можност, која би требало да ја доживее кулминацијата со словенечкото претседателство со ЕУ од 1 јули, годинава, политичките аналитичари сметаат дека Јанша тргнува во „крстоносна војна“. Противници му се домашната опозиција, медиумите, правосудството (што тој го нарекува кривосудство). Медиумите, зашто пишуваат против него, а правосудството зашто веќе го има осудено. Сите ги обвинува за левичарење, дека имаат свои „леви господари“… Често застанува(ше) во одбрана на унгарскиот премиер Виктор Орбан и поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Контроверзната кулминација на таквата поддршка беше честитката за победа на Трамп, еден ден по одржувањето на американските избори…
На домашната политичка сцена, позицијата на Јанша се чини дека е далеку од завидна и стабилна. Опозициската коалиција е цврста, зашто левицата ја мина потребната транзиција од движење во партија и сега е отворена за конструктивно дејствување, што подразбира компромиси. Опозицијата има избрано нова тактика на постојано вложување интерпелации против министрите на Јанша, што доведува до долготрајни парламентарни расправи во кои на јавноста постојано ѝ ги изложуваат сите негативни аспекти на политиката на сегашната влада. И се чини дека таквата тактика има ефект.
Осоколен од фактот дека го „преживеал“ гласањето за (не)доверба, им испраќа писмо на коалициските партнери со порака дека нема веќе „солирање“. Сепак, Словенија повторно е во пат-ситуација. Ниту опозицијата има доволно гласови да ја урне Владата, ниту владината коалиција да докаже дека има мнозинство. Ситуацијата не е многу подобра ниту во Европската народна партија, матичниот клуб на Словенечката демократска странка (СДС) на Јанша, каде што многумина би сакале да го видат дека тргнал по патот на Орбан. Во Будимпешта на 1 април се сретнаа Орбан, полскиот премиер Матеуш Моравјецки и Матео Салвини, лидерот на италијанската радикална десница, кои планираат формирање нов клуб во Европскиот парламент. Тој клуб би требало да ги собере сите партии што заговараат радикално десни, ксенофобни политички опции. Во Брисел се уверени дека Јанша ќе им се придружи.
Стратегиски игри за власт и вакуумот што го создава ЕУ за земјите од Западен Балкан
– Ситуацијата предизвикана дури и од шпекулациите за постоење на нонпејпер за ново редефинирање на границите во регионот на Западен Балкан е израз на неколку симптоматични состојби на европската политичка сцена. Почетната инспирација на ваквиот „непостоен“ предлог на словенечкиот премиер Јанша е борбата за зачувување на власта во сопствената земја. Вториот момент е постоењето на оската Јанша – Орбан и очекувањата да се придружи на создавањето нов блок партии во Европскиот парламент, уште подесно од ЕПП. Но можеби најголем виновник за ваквите предлози за менување граници е вакуумот во ЕУ за Западен Балкан. Недостигот од визија и од вистинска, цврста посветеност на ЕУ за проширувањето со земјите од Западен Балкан, создава вакуум, односно остава простор за појава на ретроградно-алтернативни визии за европерспективата на регионот. Балканот во овој миг е како автомобил во лер на угорница. Ако не го туркаш, тој самиот се движи прудолу – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
За дипломатот Огнен Малевски овој предлог на Словенија би бил голем преседан, иако истакнува дека преседани во историјата имало. Но преседаните на Балканот се големи авантури и не верува дека без нов крвав воен судир ваквиот предлог би можел да се реализира. Тој истовремено нагласува дека ако воопшто овој предлог се прифати, тоа би претставувало пораз на досегашните европски политики на Балканот.
– Тоа би било директен удар на ЕУ и досегашната политика за Западен Балкан преку процесите за интеграција, кои, за жал, се одвиваат многу бавно и токму тоа остава простор за вакви анахрони идеи. Дипломатот Огнен Малевски поентира дека ако веќе тргнат работите во таа насока, земјите од Западен Балкан треба со време да бидат известени од страна на ЕУ, за да си бараат други решенија.
Аналитичарите од регионот предупредуваат дека во политиката ништо не е случајно
Општиот впечаток што се наметнува од реакциите на познавачите на политичките состојби во регионот е дека неформалниот предлог на словенечкиот премиер Јанез Јанша, со кој како најдобро решение за кризата на Западен Балкан се наведува завршување на дисолуцијата на Југославија, не е ништо друго туку повик на нови судири и враќање во деведесеттите години на 20 век, од кои Јанша изгледа никогаш и не излегол.
– Словенечкиот премиер има мотив да ги тестира реакциите на таквата приказна во регионот, зашто претстои словенечкото претседавање со ЕУ од 1 јули, но и поради внатрешните проблеми во Словенија, каде што кохабитацијата не функционира на најдобар начин. Очигледно дека Словенија има амбиција преку различни механизми да биде коректив во регионот, имајќи ги предвид значењето на регионот за ЕУ и желбата на Словенија и на таков начин да ја афирмира својата позиција. Истото важи и премиерот Јанша. Дали ова што го говори е најдобар начин да го постигне посакувано, не сум сосема уверен – вели поранешниот дипломат Зоран Миливојевиќ.
И покрај претпоставките, и понатаму останува прашалната форма и дозата мистерија во анализите, во чиј интерес се пласирани предлозите во демантираниот нонпејпер. Според надворешнополитичкиот аналитичар, Бошко Јакшиќ, во политиката ништо не е случајно.
– Секогаш се сметало дека независноста на Косово го подразбира крајот на распадот на Југославија, а изгледа дека тоа сега се однесува и на распадот на „малата Југославија“, односно Босна и Херцеговина. Индикативно е прашањето што го поставил Пахор, и укажува дека нешто се „тркала зад ридот“. Она што веднаш може да се каже е дека со овој план на Босна ѝ се доделува улога на статист, набљудувач на сопствената судбина и иднина. Има овде многу недоумици што бараат одговор; дали нонпејперот е дел од проект на силите против ЕУ и на антимуслиманските десничари, на кои им припаѓа партијата на Јанша, дали со него се игра на патернализмот, кој Загреб го покажува спрема Сараево, но и дали е со намера Србија и Хрватска да се вовлечат во времињата што потсетуваат на оние од добата на Милошевиќ и Туѓман, а кои се опасни за целиот регион – вели Јакшиќ.
Сепак, овој надворешнополитички аналитичар смета дека судбината на нонпејперот е извесна, односно дека нема шанси да се реализира.
– Дејтонската Босна навистина е нефункционална држава, но таа е гордост на Западот, особено на САД, кој се обидува повеќе да се ангажира и да влијае на тоа БиХ да се претвори во современо општество. Каков било обид за поделба на Босна е нереален, во иста мера колку што е нереална приказната за голема Србија или голема Албанија – истакнува Јакшиќ.