Вториот круг на претседателските избори беше мирен и добро спроведен, но сепак и натаму загрижуваат недоследностите во законската рамка. Ова е вчерашниот заклучок на меѓународните набљудувачи што ги следеа претседателските избори во земјава.
– Овој изборен циклус стигна до успешно завршување со гласачи што можеа слободно да одберат меѓу различните кандидати – вели Серен Мобурн, специјална координаторка и лидерка на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ.
Таа истакна дека завчерашниот зголемен одзив ја покажува решеноста на населението да се обедини и да одговори на предизвиците со кои се соочува земјата. Според Мобурн, сега преостанува политичкиот естаблишмент да ја слушне оваа порака и да преземе вистински реформи.
– Изборните органи ги спроведоа подготовките за вториот круг професионално и непристрасно, што генерално ја оживува довербата на јавноста – порача Мобурн.
И шефицата на мисијата на ПССЕ, Мари-Кристин Дало, истакна дека гласањето во вториот круг било добро организирано, а гласачите, како и во првиот круг, можеле слободно да го направат својот избор.
– Делегацијата на ПССЕ смета дека на некои проблеми што постојано се јавуваат во изборниот процес и натаму не е одговорено, особено на потребите од реформа на Изборниот законик и на, општо земено, политичкиот систем, за граѓаните повторно да се вклучат и да се обезбеди нивното активно учество без разлика на етничкото потекло и припадност. Покрај ова, од клучна важност е да се зајакне транспарентноста – рече Дало.
Корин Јонкер од ОДИХР, исто така, смета дека денот на изборите бил добро подготвен и поминал мирно.
– Денот на изборите беше добро подготвен и мина мирно, но во демократијата не се работи само на денот на изборите. Потребна е политичка волја за вистинските и инклузивните законски реформи проследени со доследно спроведување, што ја гради и одржува довербата на гласачите – истакна Јонкер.
Меѓународната мисија за следење на изборите во вториот круг се состоеше од 170 набљудувачи од 32 земји, вклучувајќи 156 долгорочни и краткорочни набљудувачи распоредени од ОДИХР, 11 парламентарци на ПС на ОБСЕ и пет од ПССЕ.