Во Софија на самитот експлодира една нагазна мина од минското поле на договорот за пријателство со Бугарија. Одекна силно, изненадно и токму во моментот кога тие што ги поставиле мините го сакале тоа. Цел на егзекуцијата беа македонскиот јазик и народ, се разбира. Духот на „договорот“ обликуван со слаткоречивост и со „великодушност“, излезе со карактер на егзекутор. Пропустот за експлицитно признавање на македонскиот народ, јазик, посебност, малцинство, сега бугарската страна од т.н. Комисија за историски и образовни прашања, формирана по „спогодбата за пријателство меѓу Македонија и Бугарија“, сепак, се подготвува да го користи во полн капацитет. Наша должност е на македонската јавност и на институциите да им обрнеме внимание на стапицата во која може да влеземе
Според членот 8 од Договорот за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија веќе е формирана заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, која треба „да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“. Само неколку дена по објавувањето на персоналниот состав на комисијата од двете договорни страни, Ангел Димитров, шефот на бугарскиот дел од македонско-бугарската експертска комисија за историски и образовни прашања, инаку прв амбасадор на Бугарија во Р. Македонија, по нејзиното осамостојување, во интервју за една бугарска телевизија, јавно ги изнесува позициите од кои тргнува бугарската страна во заедничката работа. Тие позиции се истите оние со кои настапуваа бугарските историчари и пред потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка, кои главно се сведуваат на тезите: „Гоце Делчев е Бугарин по потекло, но нема никакви пречки да го слават како херој и во Македонија, а македонизмот веќе го претрпел својот крах“. Тоа е во суштина поентата од интервјуто на Ангел Димитров, шефот на бугарскиот дел од македонско-бугарската експертска комисија за историски и образовни прашања.
На таквите изјави на шефот на бугарскиот дел од комисијата, сѐ уште нема јавна реакција од членовите на македонскиот дел на експертската група, освен изјавата на професор Љупчо Ристески (член на македонската експертска комисија), кој во јавноста изјави дека комисијата сѐ уште нема дефинирано став по прашањата што ги има отворено Димитров, ниту пак е познат датумот кога и каде би се сретнале со колегите од Бугарија.
– Македонската експертска комисија сѐ уште нема составено, ниту пак има договор, кога и на каков начин ќе се одвиваат разговорите со бугарските колеги. Ставовите околу овие прашања ќе бидат изнесени откако ќе се состанат членовите на комисијата – изјави Ристески.
Позициите на Ангел Димитров и воопшто на бугарските историчари им се познати на македонските научни историски кругови, и не ги изненадува што не отстапуваат од нив, но ги загрижува прашањето како на тоа ќе се постави македонскиот дел од комисијата.
– Мојот став е дека не може да се преговара за колективната меморија. Целата оваа ситуација, прифатена со договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, за формирање експертска комисија за историски и образовни прашања, личи на создавање нова комисиско-компромисна меморија за Македонија што ни ја кројат соседите. Зашто се говори дека според урнекот на договорот со Бугарија ќе биде спроведуван и договорот со Грција, а и Албанија покажува аспирации за комисиско ревидирање на македонската историја. Вториот момент што ме загрижува во оваа ситуација со комисиско-компромисно кроење на националната меморија е отсуството на чувство за државност на македонската страна што, пак, е силно изразено кај Бугарите. Тоа се гледа и во составот на комисиите. Додека во бугарскиот дел од комисијата доминираат искусни експерти, кои настојуваат да ги наметнат своите ставови, во македонскиот експертски тим, освен еден или двајца експерти со респектабилна биографија и библиографија на објавени трудови, другите ѝ припаѓаат на генерација, која почнала да се занимава со научна дејност пред 5-6 години. Не знам како македонските релативно млади експерти ќе им се спротивстават на наметливите и искусни волци од бугарскиот тим, кои не отстапуваат од ставот за постоење македонска државност и идентитет од 1944 година? Односно ме загрижува прашањето дали македонскиот дел од македонско-бугарската комисија, во преговорите ќе настапува како експертски тим на суверена држава, или ќе преговараат како Бугари со Бугари? – вели историчарот д-р Тодор Чепреганов, кој долги години е посветен на историската наука, но и активно ги следи актуелните политички процеси.
Иако ставовите на претседателот на бугарската страна од експертската комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров, ѝ се познати на македонската научна јавност, во амбиент кога би требало обострано да се манифестира намерата за добрососедство, воопшто не звучи добронамерно и пријателски поставувањето на позициите од кои треба да почне работата на комисијата. Напротив, звучи уште полошо.
– По сѐ што се случуваше со децении, многу добро знаеме дека нашите разговори нема да бидат лесни. Не можеме да очекуваме брзи, молскавични и исклучително пријатни резултати за некои луѓе. Со колегите од Република Македонија ќе седнеме за да ги разгледаме сите спорни теми од гледна точка на интерпретацијата на нашето заедничко минато, за да откриеме дека тоа не може да биде негирано, и тоа сега кога Република Македонија се стреми кон Европската Унија и кон НАТО. Нештата не се сведуваат на признавање, туку на убедување во една научна дискусија, со професионални аргументи, што треба да биде променето во формирањето на општествената свест во Република Македонија, посебно на младите поколенија. Ние знаеме со какви почетни тези ќе тргнат тие, но целта на тие разговори, на тие научни дискусии, кои понекогаш можат да бидат и научни спорови, е да ги убедиме дека придржувањето до фактите и интерпретацијата на тие факти можат да ни покажат какви процеси се развивале. Од таа гледна точка, ние треба да ги убедиме дека има периоди во кои тие, едноставно, не можат да најдат аргументи за да ги негираат тие факти и нашата интерпретација – изјави Ангел Димитров, првиот амбасадор на Бугарија во Македонија за очекувањата од комисијата.
Но зад обландата на контекстот, Димитров се демаскира повторувајќи ги од порано познатите бугарски ставови за тоа чиј е револуционерот Гоце Делчев, па и за континуитетот на државноста на Република Македонија.
– Гоце Делчев може да биде херој на двете држави. Делчев, кој е Бугарин по потекло, работел за слободата на Бугарите што живееле во некогашната географска територија Македонија, зашто тој загинува на територијата на денешна Грција, која се вика Беломорска Македонија. Тој е херој на сите нас и тоа треба да биде разбрано од нашите колеги во Република Македонија. Тоа е елемент на нашата заедничка историја. Во тоа не треба да има ништо спорно за нашите колеги. Се разбира дека ние сакаме да биде јасно кажано дека тој е Бугарин, и тоа не само како Бугарин по наша желба, туку и како Бугарин што има таков идентитет, сам се формирал како Бугарин – вели Ангел Димитров за националниот идентитет на нашиот „апостол на македонската револуционерна борба“, Гоце Делчев.
Што се однесува до македонската нација, Димитров ја сведува на феномен „македонизам“, за кој вели дека го има претрпено својот крах (?!).
– Ако зборуваме сериозно, треба да кажеме дека македонизмот веќе го претрпе својот крах, со оглед на тоа дека тој е создаден, тој е историски одречен од начинот на кој е создаден и се развивал. Тоа, се разбира, не значи дека тоа е осознаено во Република Македонија. Не можеме да им го наложиме на нашите пријатели од другата страна нивното право да изберат за себе нов идентитет. Не треба да заборавиме дека сме живееле разделени со децении. Но не можеме да прифатиме, да се согласиме со нивното тврдење дека сето тоа се случило по природен пат. Научно кажано, тие сакаат современата македонска нација да биде формирана објективно историски, а, всушност, таа е резултат на политички одлуки, т.е. нејзиното формирање освен што е силувано, освен што е однадвор, освен што не е резултат на внатрешно движење кон таа државност и нов идентитет, е, во крајна линија, субјективно-политички чин – е гледиштето на Димитров за македонскиот национален идентитет.
И веќе со ваквите ставови паѓаат маските на бугарските националисти од највисок ранг, преоблечени во руво на интелектуалци, во својство на членови на една „легитимна“ комисија со дадена алатка (читај оружје) во рака во форма на меѓународен договор за пријателство. Во таа насока реагира и професорот Ферид Мухиќ, истакнувајќи дека е злоупотребена нашата добра волја, а договорот дека е асиметричен и нереципрочен.
– Сега, по ваквите изјави на Ангел Димитров, сум сѐ поуверен дека оправдано реагирав со воздржаност при гласањето во Собранието за ратификација на договорот за добрососедство во Бугарија. Нашата, македонската страна подаде рака, но со ароганција од бугарска страна сега е злоупотребена нашата добра волја. И тогаш, при гласањето во Собранието, сметав дека тој договор за добрососедство е асиметричен и нереципрочен, како да се работи за победник и поразен во војна. Но сега, императивниот говор на претседателот на бугарската страна од Комисијата за историски и образовни прашања, Ангел Димитров, за бугарскиот идентитет на Гоце Делчев и „крахот на македонизмот“ го доживувам како прст во окото на сите граѓани на Македонија. Тоа е идеолошки говор, кој воопшто не е добрососедски – вели професорот по филозофија и пратеник во македонското собрание, Ферид Мухиќ.
Историчарот Тодор Чепреганов, пак, истакнува дека со таквиот „договор“ и комисијата следствено на „спогодбата“ катастрофално може да се одрази бидејќи од тоа се црпи правото на комисијата да определи нечие постоење и идентитет.
– Во светот не постои пример една многугенерациски создавана меморија, да биде комисиски прекината. Нема ни пример, некоја комисија да определи нечиј идентитет – особено национален. Политичките компромиси во историјата се секогаш штетни. А ако една политичка гарнитура, која прифатила политички компромис во историјата, владее некои педесетина години, таквата историја автоматски ќе влезе во практиката и свеста на општеството. Ако учебниците во Македонија се направат според договорите за добрососедство, идните генерации во земјава ќе ја учат и познаваат само таквата историја. И така ќе се крои националната меморија – предупредува македонскиот историчар Тодор Чепреганов.
Од грешките се учи, но најтешко се учи од своите грешки. Договорот за „добрососедство“ полека но сигурно ги активира добро скриените стапици, не за државата и институциите, туку за народот, јазикот и за сѐ она што нѐ чини посебни, различни и единствени.
Експлодира првата нагазна мина
Министерството за надворешни работи побара од Европската Унија да го коригира погрешното именување на македонскиот јазик на официјалните документи на самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија.
Во официјалните документи на самитот во графата јазици наместо македонски јазик стоeл „јазик на поранешна југословенска Република Македонија“.
Ова е само една од нагазните мини што се кријат во меѓународните договори, но и во неискрените политики од страна на соседите кон Македонија, предупредуваат експертите. Од Министерството за надворешни работи информираа дека преку Постојаната мисија на Република Македонија во ЕУ, испратена е официјална реакција за ваквиот пропуст.
Доколку во меѓународните добрососедски договори стои јасно признавање на македонскиот народ, македонскиот јазик, уставното име и други идентитетски обележја ќе се избегнат и вакви ситуации.