Министерството нема да навлегува во математиките на партиите. Културата обединува, а не пресметува, реагираат од Министерството на прес-конференцијата на коалицијата меѓу Алтернативата и Алијансата за Албанците.
– Фактот дека лани е направен долг од 3 милиони евра на штета на културните работници и уметниците доволно говори за ланската математика што била правена во Министерството, а сега е предмет на финансиската полиција – велат од таму.
Министерството за култура, пишува во реакцијата, останува доследно на ставот дека основни критериуми според кои работеа комисиите одлучувајќи по пријавите за годишниот конкурс беа: квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност во животот на граѓаните, поддршка на автори од разни етнички заедници, стимулирање креативни млади творци, на ранливи и маргинализирани групи, како и реално вреднување на трудот за да се заштити достоинството на авторот.
– Нашата земја е мултикултурна, вредност што сите заедно мора да ја негуваме и почитуваме – се наведува во реакцијата.