При вчерашната посета на селата Неготино и Добридол, во општината Врапчиште, министерот за животна средна и просторно планирање Садула Дураки одби да даде изјава и информации на македонски јазик. Тој даде изјава на албански јазик, а кога присутните новинари побараа изјава на македонски им порача преводот да го земат од колегите новинари Албанци.
Инаку, според поканата од Министерството за животна средина и просторно планирање, министерот заедно со градоначалникот на општината Врапчиште, Исен Шабани, требаше да го одбележи почнувањето на градежните работи на канализациска мрежа за Добридол и да изврши увид во изградбата на водовод во Неготино.
– За проектот за канализација, кој изнесува 12 милиони денари, Министерството ќе ни даде шест милиони, како и за водоводот во Неготино, каде што требаат 17 милиони денари. Владата преку Министерството ќе помогне со 5 милиони денари – изјави градоначалникот Исен Шабани.
Дураки за медиумите на албански јазик изјавил дека помошта што им ја давало Министерството на општините не била доволна и дека ќе се издвојуваат повеќе средства.