Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Никола Димитров во петок и сабота, на 15 и 16 март, ќе учествува на Меѓународна научна конференција организирана од атинскиот Универзитет Пиреас, по повод 20-годишнината од постоењето на катедрата за меѓународни и европски студии и во чест на почесниот професор и поранешен шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, јави дописничката на МИА од Атина.
Дводневната конференција на тема „Грчката активна надворешна политика во 21 век”, ќе се одржи во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи на Грција, а ќе има пет тематски дискусии, од кои последната е посветена на регионот.
За Балканот и Југоисточна Европа во сабота напладне ќе дискутираат министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров и поранешните шефови на албанската и бугарската дипломатија, Дитмир Бушати и Даниел Митов.
По панелот за „Промените на Балканот“, ќе му биде доделена награда на поранешниот министер за надворешни работи на Грција, по што ќе следи и обраќање на Никос Коѕијас, со што ќе заврши конференцијата.
Поканата до Димитров да учествува на конференцијата, ја откри, уште на крајот од минатата година поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас во интервјуто за МИА.
-Мојата катедра за меѓународни и европски студии подготвува конференција во март за 20 годишното постоење. Тоа е најголемата катедра за меѓународни и европски студии во цела јужна Европа и во целиот Медитеран, и за 4 години откако јас започнав како министер за надворешни работи и го поканивме да дојде на 15 и 16 март, да дојде, на последната тркалезна маса на која ќе разговараме за иднината на Балканот. На катедрата имаме и добри експерти за Балканот, ќе поканиме и од Солун добри слависти. Се надевам ќе дојде, рече тогаш Коѕијас.