Минималната плата ги скара пратениците од власта и опозицијата, при што за едните е популистички чекор, а за другите решение во вистински момент.
На собраниската дебата најгласен беше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, според кој покачувањето на платата се носи пред избори за поткуп на гласачи.
– Носите едно решение без дебата, без да бидат прашани работодавачите и стопанските комори, но тоа е ваша одлука на владеење. Покачувате плати, пензии пред избори. Освен тоа некоординирани сте во ставовите. Вашата министерска Царовска рече за да се прехрани едно четиричлено семејство треба 17.500 денари, а платата се покачува на 14.500 што значи дека минималната плата не стига ниту за храна. Ова е факт дека решението е носено несистемски и набрзина без анализа дали ќе има реперкусии по отпуштање на работници зошто работодавачите може да не го издржат тој товар – заклучи Данев.
За пратениците на власта, покачувањето на минималната плата е согласно ветената програма што ја дале пред избори и според нив ова ветување се исполнува како што е дадено.
– Не гледам ниту конфузност, ниту контрадикторност. Зголемувањето на минималната плата е решение коешто ќе ја зајакне социјалата, ќе го подигне стандардот и не е популистичка мерка, туку мерка согласно програмата. Доколку не се покачеше минималната плата, би ве запрашала дали 9.000 денари, колку што беше платата, ќе беа доволни да се наполни потрошувачката кошничка – реплицираше пратеничката на СДСМ, Снежана Калевска.
Во дискусијата се вклучи и собранискиот спикер Талат Џафери кој посочи дека носењето на законот, не е предизборно односно дека има доволно време да се изгласа и не ги крши процедурите.
Од опозицијата на крајот рекоа дека иако не се согласуваат со мерката што се носи пред избори, во име на граѓаните од загрозените социјални категории, ќе го поддржат законското решение.