Во однос на предлог-резолуцијата за евроинтеграциите и наметнатите билатерални спорови за кои цениме дека треба да има македонски државни позиции, денеска остваривме средба со пратениците на ЛДП, ДОМ и на Демократскиот сојуз, а утре треба да оствариме средби со пратеничките групи на Алијансата и Алтернативата и на ДУИ, информира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
– Денешната средба со пратениците на ДОМ, ЛДП и на Демократскиот сојуз беше продуктивна и во принцип оценивме дека суштината на оваа декларација може да биде политички корисна во самата резолуција, тоа се меѓународни норми и стандарди поврзани со човековите права и правата на секој народ да се самоидентификува и да си ја определува својата култура, но и историографија, јазична традиција и сл. – вели Милошоски.
– Очекуваме оваа резолуција да помине во македонското Собрание и сметаме дека доколку политичките партии се обединат за една ваква заедничка резолуција, тоа ќе биде корисно и за Македонија, ќе биде корисно и за македонското општество да нема дополнителни поларизации, а сметаме дека може да биде корисно и во рамките на самата ЕУ да ги претстави на еден праведен и сериозен начин позициите на Македонија како дел од европската култура и македонскиот народ како дел од европските народи – вели Милошоски.