Доколку се исполнат условите за обезбедување набљудувачи од ОБСЕ и ОДИХР и воведување сериозни здравствени протоколи за изборната кампања и денот на гласање, ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите на 15 јули и ќе биде победничка партија. Ова го изјави Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарски прашања.
Милошоски посочи дека под овие два услова ВМРО-ДПМНЕ ќе биде дел од изборниот процес.
– Оној ден кога ОБСЕ ќе стигне во Македонија со својата мисија, следниот ден може да ја почнеме изборната кампања, којашто трае три недели, и ќе стигнеме така до самиот датум на изборите, кои не сакаме да се одржат без мисија на ОБСЕ затоа што би биле изборен грабеж и поткуп на фамилијата Заеви со пакетите што ги разнесуваат по сиромашните семејства. Затоа сакаме да имаме избори коишто ќе ги запазат здравствените протоколи и меѓународните стандарди на ОБСЕ и ОДИХР – рече Милошоски.
Како што нагласи, одговорноста за прифаќањето или неприфаќањето на овие два сериозни стандарди од ВМРО-ДПМНЕ е кај Зоран Заев.
– Доколку ги прифати овие два востановени стандарди и е рационален, реален, тогаш ќе одиме на избори и ќе го поразиме. Доколку не ги прифати или одбие, тогаш веројатно е дека се плаши од пораз на избори каде што би учествувала опозицијата, но и за секоја политичка или друга криза што би била последица на таквото однесување ја презема целата одговорност – рече Милошоски.
Тој додаде дека СДСМ најпрвин треба да ги испочитува членовите и надлежностите на Државната изборна комисија. Според него, ДИК најдобро знае во какви канцеларии, општински згради или помали месни заедници се гласа како гласачки места на коишто се гласало досега. За жал, вели Милошски, во некои од тие места нема простор ниту за самите членови на избирачкиот одбор, а не па за уште 15 набљудувачи на листите коишто се поднесени од разни политички партии.
– Затоа сметаме дека треба да се седне со ДИК и комисијата, којашто ја предводи Караџовски, да не се политизира премногу, туку да седне и да се запознае со условите на ДИК и да обезбеди услови за пристојно гласање со намален здравствен ризик за секого. Затоа цениме дека треба оваа работа да се сфати многу посериозно од една изјава на Филипче или Караџовски на прес-конференција – додаде Милошоски.