Зоран Милески-Кичеец призна вина, а Катица Јанева и Бојан Јовановски се изјаснија за невини на рочиштето со кое вчера во Кривичниот суд почна судењето за случајот „Рекет“. Милески кажа дека доброволно признава вина, односно дека „не е присилен да признае и е свесен за последиците од неговото признание“. Судот го раздвои предметот, за да одреди ново судење за Милески. Неговата пресуда ќе биде објавена денеска напладне.
Обвинителката Вилма Русковска истакна дека има несоборливи докази за вината на обвинетите, додека одбраната порача дека ќе остане доследна во намерата да ја докаже невиноста на обвинетите.
Јовановски се жалеше на здравствени проблеми при доаѓањето во судот, по што беше прегледан од медицинско лице, пред да продолжи судењето. Следното рочиште е закажано за 6 декември, кога ќе сведочат Орце и Ана Камчеви, додека понатамошни термини до крајот на годинава се 10, 25 и 27 декември. Процесот потоа ќе продолжи на 3 јануари в година, а предвидени се рочишта секојдневно од 20 јануари до 1 февруари.