Некои од членките во Европската Унија, разбирајќи го неразумно наметнатиот ултиматум од Бугарија, како една од рамноправните членки на Унијата, ја сфатија и „играта“ на официјална Софија, која користејќи го консензуалното одлучување го девалвира угледот на самата Европска Унија, сериозно загрозувајќи ги нејзините стратегиски интереси, со постапки и содржини што се во директен судир со меѓународното право
Бугарската блокада на Македонија
отвора нов светоглед за членките на ЕУ
Бугарија сè повеќе навлекува негодување, а некаде и јарост кај дел од европските партнери поради неразумната блокада на процесот на македонските евроинтеграции. Имено, некои од членките во ЕУ, разбирајќи го неразумно наметнатиот ултиматум од Бугарија, како една од рамноправните членки на Унијата, ја сфатија и „играта“ на официјална Софија, која користејќи го консензуалното одлучување го девалвира угледот на самата Европска Унија, сериозно загрозувајќи ги нејзините стратегиски интереси, со постапки и содржини што се во директен судир со меѓународното право.
Остра критика кон Софија, но и кон моделот на Унијата за консензуално одлучување
Мнозинството европски земји веќе и отворено почнаа да го искажуваат своето незадоволство од однесувањето на Бугарија, а германскиот министер за Европа Михаел Рот изјави дека Унијата треба да почне да размислува за промена на моделот на одлучување со консензус.
Неодамна и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ упати отворена критика на бугарската политика кон Македонија, а поддршка за земјава упати и словенечкиот претседател Борут Пахор, чија земја од 1 јули го презеде управувањето со ЕУ.
Пред извесно време, Чешка и Словачка се спротивставија на бугарските обиди да ја вклучат во заклучоците на Советот на ЕУ реченицата „погрешно толкување на историјата“, која се однесуваше токму на Македонија, со напомена дека спорови во врска со нечиј идентитет, јазик и историја не смеат да бидат пречка за почеток на пристапните преговори.
И австриската министерка за Европа и устав, Каролине Едштадлер, изјави дека нема разбирање за блокадата на Бугарија, апелирајќи отпорот да заврши.
Неодамна и францускиот претседател Емануел Макрон побара Македонија веднаш да ги почне пристапните преговори, а континуирана поддршка пристигнува и од земјите од Вишеградската група, како и од страна на САД. Пред извесно време поддршка стигна и од Холандија и од Данска, кои важеа за земји скептици во врска со политиката на проширување, но нивните забелешки околу подготвеноста за пристапување генерално се однесуваа на Албанија.
Се чини дека Софија сѐ потешко може да ги оправда причините поради кои ја блокира Македонија, па тамошните политичари во неможноста да најдат излез од ќор-сокакот во кој самите се доведоа, пласираат тези за „наводни други противници на проширувањето“ што се кријат зад Бугарија, но тоа не наиде на сериозно прифаќање.
Европските земји во спорот меѓу Македонија и Бугарија сѐ повеќе се
поставуваат принципиелно
Веќе на сите во европскиот клуб им е јасно дека Софија игра на картата на уцена и прави обид за идентитетско редефинирање на својот сосед, нешто што е надвор од секакво европско однесување, па затоа и отпорот на преостанатите земји-членки кон Бугарија сè повеќе расте, а Бугарија го толкува тоа како вртење грб од страна на своите сојузници и застанување на страната на Македонија.
Од тие причини бугарскиот технички премиер Стефан Јанев неодамна му се пожалил на словенечкиот амбасадор во земјата Анжеј Франгеш дека „нивните европски партнери заземаат страна, толерирајќи ја Македонија и обвинувајќи ја Бугарија, без некаква вистинска причина“.
Според политичкиот аналитичар Сашо Клековски, европските земји не заземаат страни во спорот меѓу Македонија и Бугарија, туку се поставуваат принципиелно.
– Ставовите на земјите-членки на ЕУ не се ставови „за“ или „против“ Македонија или Бугарија, туку се ставови за принципиелен однос кон пристапувањето во Унијата. Тоа беше и ставот на Чешка и на Словачка, кои изјавија дека билатерални прашања, посебно прашања на идентитет, јазик и историја, не можат да бидат дел од преговарачкиот процес. Слични се и изјавите на хрватскиот претседател Милановиќ. Затоа и ЕУ веќе неколкупати го одбива бугарското барање ова да стане дел од пристапните преговори за Македонија, бидејќи тоа не се прашања важни за исполнување на европските критериуми. Тоа што е спротивно на бугарските очекувања пристапниот процес да стане главна алатка за притисок врз Македонија, тоа не е став против Бугарија, туку принципиелен став – смета Клековски.
Според него, Бугарија го користи и се повикува на членството во ЕУ секогаш кога ѝ одговара.
– Бугарија цело време, условно да кажам, манипулира со своето членство во ЕУ и се повикува на своето членство во Унијата кога ѝ одговара, а тоа е со ставањето вето за пристапните преговори за Македонија, а од друга страна ги отфрла повиците за вклучување меѓународни експерти, вклучувајќи и експерти од ЕУ, во историската комисија. Значи, кога им треба ги користат меѓународните алатки, кога не им треба одбиваат и бараат комисијата да биде билатерална. Јасно е дека Бугарија е во една непринципиелна ситуација во моментот и за тоа не може да ја обвинува ЕУ – истакнува Клековски.