Според аналитичарите, овој пат постои опасност овие лица да останат заглавени во Македонија, бидејќи соседна Србија веќе поставила жичена ограда од стотици километри кон делови од нашата граница и кон Косово. Мигрантите пристигнуваат кај нас со можни инфекции и од други вируси што не постојат во Европа, но егзистираат во Азија или во Африка, а меѓу нив лесно може да се проврат и терористи, што е уште една потенцијална опасност за Македонија
ВО НАЈАВА БЕГАЛСКА ПРОЛЕТНА ОФАНЗИВА ОД АЗИЈА И ОД АФРИКА
Како што државите во регионот и Европа ги почнуваат процесите за масовна имунизација на населението, така сѐ погласни се и најавите зa нова пролетна „офанзива“ на мигрантите од Африка и од Азија, кои бегаат кон Европа и за да се вакцинираат.
Балканскиот сервис на Ал џезеира во својата анализа на оваа тема информира дека мигрантите во регионот се подготвени за пролетна „игра“ кон Западот. Медиумот истакнува дека главна мотивација за овие луѓе, освен пристигнувањето во Западна Европа, е и нивната желба за имунизација од ковид-19.
Според медиумот, дополнителен поттик за овој чин на луѓето што се заглавени на Балканот, но и на оние што може да пристигнат тука е и топлото време, кое пристигнува со пролета и кое овозможува полесно патување.
Во меѓувреме, од македонска перспектива на настаните, надлежните велат дека ризикот од овие најави е навистина присутен и сето тоа дава сосема нова димензија на балканската маршрута, која шеста година по ред е активна по завршувањето на мигрантската криза во 2015 година.
Во изјава за „Нова Македонија“, Владимир Пивоваров, националниот координатор за гранично управување, вели дека доказ оти работите се раздвижуваат се последните полициски операции со кои се превенира илегалниот влез на мигрантите во Македонија.
– Она што е интересно во последните случаи што ги имаме тука е фактот дека мигрантите не се само бегалци од војните во Сирија и во Ирак. Сега на граница нашите служби превенираа влез на поголема група лица од Индија и од Бангладеш. Тоа ни дава на знаење дека треба да се подготвиме за можноста со пролетта да се зголеми и обидот за илегален влез на овие лица во Македонија – вели Пивоваров.
Тој објаснува дека сега маршрутата ја користат шверцерите за транспортирање економски мигранти од целиот свет до Западна Европа.
Според Пивоваров, нов тренд во периодов се и обидите за шверц на мигрантите во возовите што најчесто транспортираат добра или руди кон соседните држави.
Тој информира дека сега овие луѓе градат специјални бункери, во кои се кријат, во вагоните на локомотивите што ги носат добрата кон соседството.
– Дополнително, она што е различно овој пат од минатото е фактот дека сега постои опасност овие лица да останат заглавени во Македонија. Тоа може да е резултат на политиките што ги спроведе соседна Србија за да се заштити од потенцијалните опасности. Тие изградија жичена ограда од стотици километри кон делови од нашата граница и кон соседно Косово. Дополнително, оваа ограда е засилена од чести воени и полициски патроли, па нелегалниот проток на север кон Европа на мигрантите со сигурност ќе биде отежнат – објаснува Пивоваров.
Тој додава дека здравствениот ризик што го носат мигрантите со себе во Македонија ги надминува и опасностите од ковид-19.
– Овие лица пристигнуваат кај нас со можни инфекции и од други вируси што не постојат во Европа, но егзистираат во Азија или во Африка. Па, оттука, освен од пандемијата, нашите цариници и полицајци имаат ризик во работата и со други „егзотични“ болести. Ние треба да размислуваме и за заштита на нашите луѓе и од овој проблем, а вакцинацијата против коронавирусот со сигурност би ја олеснила работата на институциите – вели Пивоваров.
Аргумент плус, според Пивоваров, дека овие опасности се тука се и големите операции на соседните Србија и Грција за вакцинирање и на мигрантите заглавени на нивни територии, но и на полицајците и државните службеници што имаат контакт со овие лица.
Пивоваров додава дека покрај здравствениот ризик, напролет може да се зголеми и безбедносниот ризик, ако низ толпите луѓе се проврат и потенцијалните терористи.
– Таквиот ризик, да ни транзитираат низ Македонија терористи го имаме со години, а евидентен пример беше оној со терористичките напади на „Шарли ебдо“ во Франција, каде што напаѓачите во Париз влегле во Европа токму преку Гевгелија и потоа транзитирале на север – подвлекува Пивоваров.
Дека здравствените ризици се поврзани со мигрантите констатира и Сузана Тунтева од Црвениот крст. Таа вели дека Македонија има свој широкоопфатен систем за поддршка на мигрантите и бегалците, изработен од Владата, кој ги следи препораките на СЗО за луѓето што транзитираат низ нашата земја до нивните финални дестинации.
– Во насока на намалување на штетните последици по здравјето на бегалците, барателите за азил и мигрантите што минуваат низ нашата држава, постојат редица активности што се спроведуваат од страна на Црвениот крст, во тесна соработка со државните институции и здравствените власти – вели Тунтева.
Според неа, тимовите на Црвениот крст што се распоредени на нашите гранични премини, во прифатните центри, но и во центарот за азил спроведуваат голем број протоколи поврзани со пандемијата на ковид-19.
Таа вели дека во моментов подолг период има зголемена дистрибуција на хигиенски средства и заштитна медицинска опрема (маски и ракавици), а на луѓето што пристигнуваат во земјата, кои се сместени во центрите, им се делат летоци со неопходни содржини за заштита од болеста на арапски јазик и на јазикот урду.
– Дополнително, ним редовно им се мери температурата и доколку постојат сомненија за заболување, во соработка со Центарот за јавно здравје, им се вршат тестови за ковид-19. Доколку некој е заболен, веднаш се започнува со процес на лекување и се сместува во самоизолација, во строго одредени простории, односно објекти, од каде што по оздравувањето се пушта нормално да функционира. Дополнително, битно е да се знае дека мигрантите, бегалците и барателите на азил во Македонија ги уживаат истите медицински заштити и права како и домашното население во државата – резимира Тунтева.