Колкав е бројот и каде циркулираат бегалците и мигрантите од Блискиот Исток и од Северна Африка на Балканот, а со тоа и во Македонија се прашањата што секогаш се актуелни и кои никогаш не излегуваат од фокусот на вниманието во регионалната и домашната јавност.
Хронолошки гледано наназад, последната информација за тоа какви се состојбите на Балканот дојде неодамна, кога Боштјан Шефиц, државниот секретар во словенечкото министерство за внатрешни работи, информира дека во регионот во моментов се наоѓаат околу 50.000 мигранти.
Шефиц по своите посети на Загреб, Белград и Тирана апелира дека поради овој факт се потребни координирани акции од државите во регионот за сузбивање на илегалните миграции.
– За разлика од ситуацијата во време на големата миграциска криза пред три години, сега 85 отсто од бегалците бараат азил, а не да транзитираат од Словенија. Освен тоа, промени се забележани и во структурата на мигрантите, бидејќи најголем дел веќе не доаѓаат од Блискиот Исток туку се од Северна Африка – изјави Шефиц.
Слични информации за бројната состојба на овие луѓе неделава дојдоа и од страна на грчки државни функционери. Имено, грчкиот министер за миграции Димитрис Вицас информира дека во моментов на пет грчки острови бројот на мигрантите и бегалците се движи меѓу 6.500 и 15.500 луѓе. Вицас најави дека токму затоа грчката влада ќе преземе мерки за намалување на бројот на лица сместени во пренатрупаните бегалски кампови на островите во Егејско Море.
Според него, најавата доаѓа по сѐ погласните протести на локалните жители дека мигрантската криза му нанесува сериозни штети на туризмот, кој е водечка стопанска гранка во Грција.
Во меѓувреме, за ситуацијата во Македонија, генералниот секретар на невладината организација „Легис“, Јасмин Реџепи, вели дека иако во земјата има бегалци, нивниот број воопшто не може да се спореди од оној за време на кризата од 2015 и 2016 година.
– Уште од 2014 година ние сме во редовен контакт со организации слични како нас, лоцирани во други земји од регионот и ние активно следиме сѐ што се случува на теренот на оваа тема. Тоа го правиме за потоа да бидеме подобро подготвени како да реагираме во нашата земја. Морам да подвлечам дека на Балканот во моментов има мигранти, но нивниот број е минимален во споредба со оние од пред неколку години и сега се само, слободно кажано, капка во морето. Сепак, во последните неколку недели е забележан поголем пораст на бродови што нерегуларно од Турција пренесуваат луѓе кон Грција и со кои потоа се полнат камповите и шелтер-центрите во земјата. Во Македонија, пак, во моментов, во двата кампа што ги имаме нема повеќе од 30 луѓе. Бројките се мали во државата, бидејќи бегалците и мигрантите патуваат преку други маршрути (на север и на запад) и дополнително поради фактот дека нашата граница има ограда и крај неа распоредени меѓународни и домашни полициски сили – објаснува Реџепи.