Целосна поддршка во решавањето на спорот за името, денеска даде премиерката на Обединетото Кралство Тереза Меј која е во официјална посета на Република Македонија. На заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, британската премиерка порача дека решението ќе има придобивки и за Македонија и за Грција.
– Само неколку месеци по парламентарните избори во Македонија дојде до големи промени. Владата подаде рака кон своите соседи и почна да се ангажира за решение на проблемот со името. Знам дека Македонија е посветена кон ова решение, а таквото решението ќе донесе чисти придобивки и за двете земји. Можете да сметате на целосната поддршка на Обединетото Кралство на овој пат – истакна Меј.
Таа ја потенцираше и поддршката на Бритaнија во споделувањето на воената експертиза и помошта во одбранбената стратегија. Како доказ за таа поддршка, Меј ја нагласи и одлуката на Обединетото Кралство да биде домаќин на следниот Самит посветен на Берлинскиот процес во јули.
– Подобрување на економската стабилност, подобра политичка соработка и надминување на проблемите во последните 30 години, ќе бидат во фокусот на овој самит. Вашата земја е интегрален дел од Европа, а еден просперитетен западно-балкански регион е од корист за сите во регионот и во Европа. Нашето пријателство ќе јакне и понатаму. Македонскиот одговор на нападот во Солсбери е доказ за вашата посветеност кон заедничките односи и никогаш не сме биле поблиску како земји – нагласи Меј.
Премиерот Заев оцени дека денешната посета на неговата британската колешка Меј потврдува дека Велика Британија останува заинтересирана и ангажирана за напредокот на Западен Балкан и оти Самитот во Лондон ќе биде уште една верификација на позитивните инструменти на регионалната соработка на Западен Балкан во економијата, транспортот, безбедноста и интеграциите.
-Евроатлантските интеграции на Македонија се важни за нас, но и за регионот. За граѓаните и за Македонија значат економија и перспективи, но за регионот, за ЕУ и за светот значат стабилност и безбедност. Значат спречување и други фактори да застанат на патот на ваквата заедничка иднина што е интерес на сите – рече Заев додавајќи дека ќе продолжат демкратските реформски процеси во Македонија, како и негувањето на добрососедските односи и меѓународната соработка за клучните прашања.
Потсети дека реализацијата на реформскиот План 3-6-9 е вреднуван од ЕУ со чиста и безусловна препорака најавувајќи дека ќе се спроведе новиот план 18 кој е фокусиран на зајакнување на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата. Додаде дека во мигрантската криза во 2015 година Македонија се докажала како доверлив партнер на ЕУ и дека преку учеството на заедничките мисии е лојален и сигурен партнер на НАТО.