„Културно-историското минато на Кратово и Кратовско“ е насловен Меѓународниот симпозиум што се одржа вчера во Кратово, а на кој присуствуваа голем број гости од земјава и од странство. Сите нови сознанија до кои дошле еминентни научноистражувачки дејци, а кои беа презентирани вчера, ќе бидат собрани и објавени во зборник. Присутните ги поздрави м-р Илија Митевски, директорот на Музејот на Град Кратово.
– На овој прв Симпозиум за културното минато на Кратово и Кратовско за првпат учесниците ќе ги презентираат најновите сознанија до кои дошле научноистражувачки дејци од областа на историјата, архитектурата, културата и уметноста. Овие трудови ќе бидат објавени во зборник за напишаното да остане трајно и да се збогати културното наследство на Кратово, градот што станува своевидна туристичка атракција.
Авторот Илија Митевски, идеен творец на сето ова и директор на Музејот во Кратово, длабоко нѐ нурнува во историското минато – рече Благојка Филипчева, модераторка на настанот, инаку просветна работничка во пензија поетеса и писателка, која зборуваше на темата „Кратово во срце те носам“.
На различни теми зборуваа присутнитe, професор д-р Новица Велјановски, професор д-р Борче Илиевски, м-р Илија Митевски и професор д-р Мирјана Нинчовска. Тие начнаа сегменти од проучувањето на пропагандните борби во Кратово и Кратовско, непосредно пред Балканските војни 1911-1912 година, потоа за демографските карактеристики на Кратовската околија меѓу двете светски војни, како и за познати кратовски личности што учествувале во револуционерното движење на ТМОРО за ослободување на Македонија од турската власт, за кратовци федералисти во годините на Првата светска војна.
Со своите тематски осврти свој придонес дадоа и претставник на Министерството за култура, потоа професор д-р Драган Зајковски, професор д-р Драган Ѓеоргиев, инженер архитект Митко Пренџов, м-р Горан Санев од дијаспората, м-р Перо Синадиновски и проф. д-р Дамјан Донев. Тие говореа за „Епископијата на Брегалница во втората половина на 9 век: Нов поглед кон некои отворени прашања“, потоа за „Кратовчани за време на војната (1912 – 1918)“, како и на темата „На Големо Градиште кај село Коњух, Кратовско“. Дел од настанот беше и темата „Кратово и Кратовско во некои бугарски извори пред и за време на Првата светска војна“, а се зборуваше и за „Демографските карактеристики на Кратовска околија меѓу двете светски војни“, како и за „Археолошки ископувања на неолитската населба кај Цоцев Камен“. Претставничката од Министерството за култура, Македонка Коцевска, со темата „Кратово, скапоцен бисер од ѓерданот на вечноста“ даде свој придонес на манифестацијата. С.К.