Иако првичните најави на францускиот претседател Емануел Макрон беа дека новата методологија ќе внесе нов квалитет во преговорите меѓу земјите-кандидатки и ЕУ, всушност, засега оваа методологија според резултатите што ги даде повеќе претставува алатка за закочување на проширувањето, наместо обратно, можност за напредување според постигнатите резултати
Колку ЕУ е задоволна од резултатите на својата нова методологија за (не)пристап во Унијата
Француското инсистирање на воведување нова преговарачка методологија го стопираше почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, но и по две години од нејзиното носење, Македонија не ги почна преговорите, а земјите што веќе преговараат не отворија ниту едно ново поглавје.
Иако првичните најави на францускиот претседател Емануел Макрон беа дека новата методологија ќе внесе нов квалитет во преговорите меѓу земјите кандидатки и ЕУ, всушност, засега оваа методологија според резултатите што ги даде повеќе претставува алатка за закочување на проширувањето, наместо обратно, можност за напредување според постигнатите резултати.
– Новата методологија беше француски успех и тие имаат повеќе влог да ја одржат и развијат, ако никој не почне да преговара според новата методологија, тоа е пораз – истакна неодамна министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Според неа, ново одлагање на почетокот на преговорите меѓу Македонија и ЕУ носи ризик да биде нарушен и кредибилитетот на Франција, која најмногу инсистираше на новата преговарачка методологија за проширувањето.
Во ситуација кога Македонија е блокирана со бугарското вето, а преостанатите земји кандидати не напредуваат, се наметнува дилемата дали воопшто имаше потреба од носење некаква методологија, која, според перцепцијата на јавноста, само го запре процесот на проширување.
Некои од аналитичарите сметаат дека новата методологија на која инсистираше Франција само дополнително ги искомпликува работите.
– Методологијата е облик за создавање услови да се командува со тој процес на проширување. Командувањето значи во секој момент да се носи одлука, да почитува и да не почитува стратегија, да применува дадена тактика и да не ја применува, може да применува и да не применува стратегија – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, има многу политика во самата примена на методологијата и затоа сегашната состојба е статус кво.
– Методологијата и правото се политика. Понекогаш рационална, понекогаш недоволно разбрана. Ако се примени методологијата, тогаш таа постои, ако не се примени не постои. Исто е и со правото, ако се примени и почитува вреди, ако не, не вреди. Во политиката се дозволени противречности, контроверзии, спогодби, нагодби итн. Вкупното однесување на ЕУ кон Балканот во основа е политикантско. Кога ќе почувствуваат потреба, ќе преговараат, ќе преземаат мерки, нема функционер во ЕУ што не изјавил колку Западен Балкан е важен за Унијата и колку очекуваат овие земји да бидат вклопени во ЕУ, а знаат дека тоа нема да се случи – појаснува Андревски.
Тој додава дека ЕУ не е заинтересирана до тоа ниво како што беше заинтересирана на времето за земјите од Источна Европа, па затоа преку методологијата го парализира процесот на проширување.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов вели дека Македонија во принцип ја прифатила француската методологија и одговорила на сите барања во неа, со најдобра намера да ги почне пристапните преговори, но забележува отстапување од самата методологија.
– Имам впечаток дека откако беше донесена новата методологија, како да се отстапи од неа. Македонија направи сè, но дојде блокадата од Бугарија. Мислам дека клучна улога во сегашнава ситуација нема толку методологијата, колку некои други работи – додава Јањатов.
И за германскиот експерт од Европската иницијатива за стабилност Гералд Кнаус новата методологија за проширување е проблематична и затоа смета дека е потребно да се изнајде нов начин процесот на проширување да тргне напред.
– Методологијата за членство е проблем самата по себе. Имате вета на секој чекор за да се забави нешто за што другите земји-членки имаат сомнежи. Не заборавајте дека најголемиот проблем во моментов е што дури и земјите што ги отворија преговорите за членство, како Србија или Црна Гора, или Турција, се заглавени. А има и други земји, како Косово и БиХ, кои не се ни блиску до отворање на преговорите. Така што целиот процес на проширување е во криза, потребен ни е поинаков начин за да одиме напред – нагласува Кнаус.
Чувствува ли Макрон грижа на совест
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Македонија заслужува да ги почне преговорите со ЕУ без одлагање.
– Северна Македонија треба да влезе во ЕУ и знаете дека Франција целосно ве поддржува на тој пат. Понекогаш можеби сте мислеле дека сме тежок партнер што многу бара, но јас сакам да бидам искрен партнер и кога се обврзуваме на еден пат, треба да бидеме јасни до каде сакаме да стигнеме и не сакаме да ја оставиме земјата пет, 10 години на пат потоа ќе ѝ се чини невозможен. Затоа, ние сакавме ЕУ да создаде нова методологија, пополитичка, поефикасна и покредибилна за да се водат преговорите со земјите-аспиранти. Затоа, ние одлучивме да ги отвориме преговорите за членство со вашата земја во март 2020 г., но сега е дојдено време да се конкретизира таа одлука, а подоцна ќе зборуваме за начините како да се постигне тоа и активно го поддржуваме изнаоѓањето компромис со Бугарија – порача Макрон по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев во Париз.
Тој уште додаде дека Франција ќе биде внимателен партнер и одблиску ќе ги следи работите околу македонската евроинтеграција.