Она што се наметнува како дилема е дали со заминувањето на Меркел, проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан станува неизвесен процес, а Македонија сериозно треба да размислува за алтернативни патишта кон и надвор од Унијата, ако проширувањето по ерата на Меркел биде ставено на „пауза“
Неизвесност дали проширувањето ќе остане висок приоритет на ЕУ
Германската канцеларка Ангела Меркел ја сумира својата кариера како канцелар, истовремено апелирајќи до своите наследници да не ја испуштаат шансата и во Европската Унија да ги внесат Македонија и преостанатите земји од Западен Балкан.
Како што напомнува, за тоа се потребни силен ангажман и трпение, но процесот на проширување не смее никако да се прекинува.
– Во последните 16 години колку што сум канцеларка, најголемите придвижувања на Западен Балкан се постигнати со активирањето на Берлинскиот процес во 2014 година. Тука станува збор за сменување меѓу светлината и темнината – објаснува Меркел.
На почетокот на оваа година, германската канцеларка почна дипломатска иницијатива, преку која бара регионот на Западен Балкан повторно да се постави високо на списокот приоритети на ЕУ. Несомнено тој процес ќе продолжи и по нејзиното заминување, но во смалена форма, бидејќи проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан не е на листата на надворешнополитички приоритети кај нејзините потенцијални наследници.
– Отпор кон проширувањето не недостига и во Европската Унија – повтори Меркел, по осмата конференција за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. Таа во еден момент забележа дека против процесот на проширување во овој момент не е само Франција туку и преостанатите земји од ЕУ, како Холандија и Бугарија, која со последното вето го блокира почетокот на пристапните преговори за Македонија, условувајќи ја земјава со откажување од идентитетот, јазикот и историјата ако сака да почне преговори со Унијата.
– Од примарен интерес на Европската Унија е да ги зајакнува процесите на соработка во регионот. Со цел надминување на поделбите. Нам ни останува да имаме многу трпение и да се ангажираме на Западен Балкан – подвлече Меркел.
Она што се наметнува како дилема е за колкаво трпение станува збор и дали со заминувањето на Меркел проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан станува неизвесен процес, а Македонија сериозно треба да размислува за алтернативи патишта кон и надвор од Унијата, ако проширувањето по ерата на Меркел биде ставено на „пауза“.
– Несомнено е дека канцеларката Меркел се обидуваше да го одржи вниманието во ЕУ кон Западен Балкан, иако не сметам дека проширувањето беше дел од главните приоритети на Унијата. Нејзиното заминување во секој случај креира ситуација на неизвесност во однос на тоа дали некој од политичките лидери ќе ја преземе таа улога – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.
Таа додава дека германската канцеларка интересот за Македонија го пројавила пред крајот на својот мандат.
– Во македонскиот случај, канцеларката разви интерес при крајот на својот мандат, иако ако погледнеме во пошироката слика блиските врски на ЦДУ/ЦСУ со ГЕРБ веројатно ѝ го ограничија просторот за исчекор во однос на почетокот на нашите пристапни преговори. Неизвесност во однос на европската иднина мислам дека постои одамна, и тоа не само во однос на Македонија туку и пошироко во регионот – смета Кацарска.
Политичкиот аналитичар Јакша Шчекиќ оценува дека Меркел потфрлила во делот на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
– Овој нејзин аманет, да се задржи проширувањето високо меѓу приоритетите на ЕУ, на некој начин е нејзина проштална порака. Во нејзино време не беше сторено многу за интеграција на Западен Балкан и тоа, слободно може да се каже, е нејзин неуспех како канцеларка. Причина? Сите земји од Западен Балкан сакаат да влезат во ЕУ, но по свои правила, а не според правилата на ЕУ, така што разбирлив е отпорот на старите членки. Што се однесува до Бугарија, тие уценуваат поради историски конфликт со Македонија. Тука се поклопија две работи, замор на ЕУ од проширувањето и неподготвеност на земјите од Западен Балкан за темелни реформи, особено во делот на владеењето на правото – констатира Шчекиќ.