Германската канцеларка Ангела Меркел им оддаде признание на премиерите на Република Северна Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, за нивната храброст да постигнат договор и да го надминат повеќедеценискиот спор, овозможувајќи и на тој начин влез на Македонија во НАТО.
– Во секој конфликт може да се најде решение доколку се покаже храброст – истакна Меркел на Минхенската конференција за безбедност.
Таа, меѓу другото, предупреди и дека мултилатералниот светски поредок се распаѓа, но тоа не значи дека треба да се уништи. Меркел ја критикуваше изолационистичката и националистичката политика на американскиот претседател Доналд Трамп.
– Мора да се бориме за Европа, за мултилатерализмот, против оние кои мислат дека можат се сами, нагласи Меркел.
Ретко во досегашната историја имало толку многу несогласувања меѓу САД и Германија. Моментно овие две земји имаат спор околу Иран, одбранбената пресметка и гасоводот Северен тек кој треба да достави руски гас во Германија.
Берлин е загрижен за мултилатералната соработка по повлекувањето на САД од неколку меѓународни договори, вклучувајќи ги Парискиот климатски договор и иранскиот нуклеарен договор, двата потпишани во 2015 година.
– Кој ќе ги собере парчињата од распаѓањето на светскиот поредок? Ние. Сите ние, заедно – порача Меркел во својот говор на Минхенската конференција за безбедност.