Португалија не би го загрозила процесот на изнаоѓање решение во спорот меѓу Бугарија и Македонија, изјави португалската амбасадорка во Македонија, Марија Виржинија Мендес да Силва Пина.
Мендес да Силва нагласи дека Португалија постојано се обидува да го олесни спорот и ги демантираше извештаите на бугарските медиуми дека државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш, изјавила дека „јазикот на Македонија некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на двете земји”.
Мендес да Силва, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, за „Дојче Веле“ нагласи дека Закаријаш рекла оти „има политички момент кој ги отежнува работите во Бугарија и дека има сензитивни прашања поврзани со идентитетот и историјата на бугарскиот и македонскиот јазик”.
Бугарското национално радио (БНР) јави дека Закаријаш пред новинарите во Лисабон изјавила оти дебатата помеѓу Македонија и Бугарија е тешка и поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји и со идната соработка, како и дека „очигледно е поврзана со јазикот на Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји”.