Одбројување до избори или нова вонредна состојба, прашање е сега
Рокот на третата, 14-дневна вонредна состојба, воведена првично на 18 март, за да ѝ се овозможи на техничката влада да се справи и да менаџира со последиците од пандемијата на коронавирусот, истекува денеска. Поради воведување на вонредната состојба беа прекинати веќе започнатите изборни активности за предвремените парламентарни избори, кои требаше да се одржат на 12 април. Покрај различните правни гледишта на политичките партии за продолжување на изборните активности, како услов за постигнување лидерски договор за новиот датум за одржување на изборите се наметна и здравствениот аспект на ситуацијата во државата.
Со оглед на истекување на рокот на 14-дневната вонредна состојба, денеска напладне, Советот за безбедност во претседателската вила „Водно“ ќе одлучува за нејзино можно продолжување. До затворањето на викенд-бројот на весникот, Владата не поднесе ново барање за продолжување на вонредната состојба, иако техничкиот премиер Оливер Спасовски имаше изјави во контекст дека ќе го стори тоа единствено ако се процени дека тоа е потребно за носење економски мерки.
– Ако имаме потреба, врз основа на анализите дека треба да се прогласи вонредна состојба уште некој ден за справување со економските последици, тоа ќе го направиме и кога ќе заврши вонредната состојба. По 22 дена ќе се одржат изборите – истакна Спасовски, два дена пред истекот на третата вонредна состојба.
Со оглед на нерешените разлики меѓу партиите за терминот за одржување на изборите и отсуството на најава за лидерска средба, се чини дека може да се случат или политичка криза или прекршување на Уставот доколку се пренебрегнат опциите за нова вонредна состојба.
– Очигледно, вонредната состојба се зема обѕир како решение за исполнување на уставниот рок од 60 дена за одржување избори од датумот на нивното распишување. Но и понатаму како правна можност е опцијата претседателот на Собранието да ја преиспита и промени својата одлука за распишување на изборите и да одреди нов датум за одржување на изборите, со оглед на неможноста за извршување на претходната одлука. Собранискиот спикер има можност да ја измени или да ја укине претходната одлука. Зашто ако во оваа ситуација не се вклучи претседателот на Собранието, постои опасност од друго кршење на Уставот.
Имено, избори се распишуваат исклучиво со акт на претседателот на Собранието. Владата не може да ги измени роковите и датумот за одржување на изборите, зашто има надлежност да уредува само прашања од законска материја – вели професорот по управно право, Борче Давитковски, од Правниот факултет при УКИМ.
До истекот на третата вонредна состојба, партиите, и покрај кажувањата на лидерите дека постои комуникација, сѐ уште се без договор за датум за избори. Нема ниту најава за нова лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, откако на двете претходни не беше постигнат договор за терминот за изборното соочување. И понатаму позицијата на владејачката партија СДСМ е дека се неопходни брзи избори за да се избегне очекуваниот втор бран на пандемијата наесен, додека опозициското ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од процената дека сѐ уште не е надмината опасноста од ширење на коронавирусот за толку брзо да се одржат изборите.
Новиот бран зголемување на новозаразени со ковид-19 во земјава, по укинувањето на временското ограничување на движењето и другите мерки за заштита, се чини дека не оди во прилог на идејата за брзо спроведување на изборите.
Сепак, уставните експерти сметаат дека роковите за изборите продолжуваат да течат со укинување на вонредната состојба, а политичките договори и одлуки треба да ја имаат предвид таквата правна детерминираност.
– Ако нема договор изборите да се одржат на 21 јуни, односно 22 дена по завршување на вонредната состојба, претседателот Стево Пендаровски ќе мора да прогласи нова вонредна состојба, која ќе биде врзана за одржување на изборите – смета професорот по уставно право Светомир Шкариќ.
Професорот појаснува дека уредбата за изборите е јасна, односно тие да се одржат во рок од 22 дена од завршување на вонредната состојба. Притоа професорот смета дека нема опција за носење на нова уредба, а постојната не може да ја оценува ниту Уставниот суд, бидејќи тој треба да ја оценува уставноста, а не законитоста на уредбите што се со законска сила.
Највозможно решение на политичко-правните (па и здравствените) недоумици за потребата за одредување датум за одржување на изборите, според професорот Љубомир Фрчкоски, е дека претседателот Пендаровски сепак ќе прогласи уште една вонредна состојба, а изборите ќе се одржат кон средината на јули.
– Ќе воведат уште една вонредна состојба, за потоа да го испеглаат датумот за изборите… Претседателот ќе им понуди ако треба уште една вонредна состојба, и ќе имаме избори некаде кон средината на јули – ги изнесе јавно професорот Фрчкоски своите процени во медиумите.