Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис најави дека наредниот викенд ќе ја посети Македонија за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.
– Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ, рече Матис во изјава за новинарите во Пентагон.
Матис истакна дека е загрижен дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот порцес во Македонија.
– Ако имате гласање, Москва ќе се меша. Јас сум загрижен за тоа. Такво мешање Русија практикуваше од Естонија до Соединетите Американски Држави, од Украина и сега до Македонија, секогаш се прилагодува на конкретната ситуација, рече американскиот секретар за одбрана.
Џејмс Матис е вториот висок американски претставник кој неделава доаѓа во македонија за да искаже поддршка за успешен референдум.
Во Скопје утре ќе престојува помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел. Тој ќе има средби со македонскиот премиер Зоран Заев и со други официјални претставници за поддршка на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција и претстојниот референдум на 30 септември, соопшти Стејт департментот.
Мичел во Скопје ќе има средби и со претставници на парламентарните партии и на бизнис заедницата со кои ќе размени мислења и ќе ја нагласи американска поддршка за приклучувањето на Македонија во Западното семејство, се наведува во соопштението.