Играта топло-ладно во позициите на Атина и на Скопје во однос на наметнатиот спор околу уставното име на Македонија, и натаму наметнува неизвесност и покрај најавите дека двете страни се блиску до решение.
По најавите на премиерот Зоран Заев дека е прашање на време, односно на часови кога договорот ќе биде потшишан, се наметнува дилемата кои се контурите на договорот и моменталните разлики поради кои доцни потпишувањето и дали бркањето рокови може да влијае врз квалитетот и врз одржливоста на истиот тоа.
Поранешниот дипломат Ристо Никовски неколкупати во своите изјави за „Нова Македонија“ вели дека нема никаква дилема дека може да се очекува некаква промена во односите со Грција. Никовски е убеден дека овој дијалог со Атина засега, според изјавите во јавноста, нема светла иднина, освен испорачување на барањата на Грција.
– Бркањето на некаквите рокови од наша страна во процесот на преговори со Грција е тешка стратегиска грешка. Тие бараат наши концесии и ние постојано ги даваме. Сега ножот е до коска. Инсистираат да се откажеме и дека сме Македонци и дека зборуваме македонски јазик. Такво нешто нормален човек во оваа држава ниту може ниту смее да прифати – оценува Никовски.
Во исто време вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, вчера изјави дека наредните часови ќе бидат клучни за исходот од преговорите за името, постојат волја и активен ангажман на сите нивоа во владите на Македонија и на Грција за затворање на спорот, додаде тој. Според него, моменталните разлики повеќе се во интерпретацијата на напишаното, отколку во генералните принципи што ги кажуваат двете страни.- Сметам дека сè уште е прерано да се каже кој ќе биде исходот, меѓутоа сметам дека се последните метри на еден 25-годишен маратон, а обично последните метри се критични, кои можат да го утврдат исходот во позитивна или во негативна насока – изјави вицепремиерот за евроинтеграции Османи. Неговата изјава доаѓа откако завчера македонското министерство за надворешни работи соопшти дека се работи на постигнување договор, укажувајќи оти тој треба да биде квалитетен, на што грчки владин функционер реагираше, коментирајќи дека постои добар договор на маса, кој мора да се затвори наскоро, но оти „за жал, некои инсистираат на играње игри“.
Двете земји се под притисок за решавање на прашањето, во услови кога западните лидери велат дека интеграцијата на балканските земји во ЕУ и во НАТО е најдобар начин за подобрување на стабилноста во регионот.