Владата и Министерството за информатичко општество и администрација, изминатите две и пол години посветено работат на тоа злоупотребите, партизацијата и мобингот врз јавната администрација да бидат дел од минатото. Дополнителните министри и заменици министри од опозицијата, во изминатите две недели, во континуитет се обидуваат нивниот начин за заплашување и ставање на администрацијата во партиски цели, повторно да го направат реалност.
– Упад во подрачната единица на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство од страна на дополнителниот заменик министер Цветан Трипуновски, го осудуваме и повикуваме притисокот врз јавната администрација да остане во минатото. Во таа насока, повторно ќе биде објавена алатката за пријавување на притисок на работно место – се вели во соопштението на Министерството за информатичко општество и администрација, како рекација на упадот на дополнителниот заменик министер Цветан Трипуновски.
Со реформата и професионализацијата на јавната администрација, конечно вработените имаат простор да ги извршуваат работните задачи, да бидат сервис на граѓаните и со тоа да придонесат кон зголемување на ефикасноста на јавната администрација.
– Наша цврста определба е изборите на 12 април да бидат слободни, фер и демократски. Основен предуслов за тоа е граѓаните да бидат ослободени од секаков вид на притисоци и заплачување. Од тоа немаме намера да отстапиме, ниту пак ќе дозволиме некој одвнатре или однадвор да ја загрози неприкосновената волја на граѓаните. Ги повикуваме техничките кадри на ВМРО-ДПМНЕ да се ослободат од матрицата во која се заглавени и конечно да почнат да работат во служба на сите граѓаните. Нивна улога е да придонесат кон спроведување на фер и демократски избори и ги повикуваме да работат во согласност со нивните надлежности – се вели во соопштението.