Пратениците едногласно со 81 глас го изгласаа Максим Ацевски за нов државен ревизор. Пратениците изборот го поздравија со аплауз, а тој даде свечена заклетва пред нив. Ацевски по изборот од говорница кратко изјави дека му е чест што бил избран на позицијата и дека ќе работи согласно законите, односно дека нема да ја изневери довербата.
Државната ревизија речиси две години беше без главен ревизор, а мандатот на вршителот на должноста истече на 5 октомври. Пратениците претходната недела на Комисијата за избори и именувања едногласно го прифатија предлгоот Ацевски да биде избран за државен ревизор.
Претседателот на комисијата за избори и именувања, Илија Димовски, рече дека Ацевски е со 20-годишно искуство и додаде дека е професионалец во областа.
Крсте Шајноски избран за претседател на Агенцијата за супервизија
Собранието со 54 гласа „за“ го избра Крсте Шајноски за претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија и осигурување. На оваа позиција Шајноски доаѓа од позицијата вонреден професор од Институтот за бизнис и економија. Шајноски беше предложен од Владата во ноември, откако му истече мандатот на неговиот претходник Климе Попоски.
Пред да биде именуван, реагираше пратеничката Лилјана Кузмановска која праша кој му бил мотивот на Шајноски, да биде дел од оваа институција кога во минатото бил поборник за остварување на професионалците во приватниот сектор.
-Шајноски велеше дека не е престиж еден експерт да работи и се остварува во државна администрација. Не сакам да навлегувам во неговото CV, но ме интересира зошто одеднаш му стана толку примамливо да биде дел од ова регулаторно тело – рече Кузмановска од собраниската говорница.
На нејзиниот говор реагираше пратеникот Костадин Ацевски, од СДСМ, кој рече дека не требало да се крева прашина затоа што тие во минатото вдомиле еден куп партиски експерти.
Покрај Шајноски, беше избран и Злате Симоновски како член на советот на експерти на ова регулаторно тело.