Ние чекаме некој однадвор да ни даде предлог, па потоа само аминуваме туѓи предлози. Македонската државна и интелектуална елита мора да гледа напред, да ги предвидува идните чекори и да излезе со свои предлози и решенија. Мисијата на кое било политичко раководство е тие усогласени и цврсто фундирани ставови во заштита на националниот идентитет, историја, јазик, култура, традиција, посебност итн. само да ги спроведува
ПОРТУГАЛСКИОТ ПРЕДЛОГ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА СПОРОТ СО БУГАРИЈА СЕ ВРАЌА ВО ИГРА?!
Македонија повторно го враќа во игра португалскиот предлог за изнаоѓање решение за отстранување на бугарската блокадата на македонските евроинтеграции, иако официјална Софија уште претходно го отфрли овој предлог.
Во сенката на политичката криза во Бугарија и закажаните нови парламентарни избори во ноември, македонскиот премиер Зоран Заев деновиве ја реафирмира идејата за надминување на разликите со Софија со помош на португалскиот предлог. Тој ова лично ѝ го соопштил на германската канцеларка Ангела Меркел за време на неодамнешната средба во Тирана, при што истакнал дека единствен прифатлив предлог за Македонија за надминување на блокадата на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со ЕУ.
Колку за потсетување, целта на предлогот што го достави португалското претседателство со ЕУ до Скопје и Софија беше да се решат три предизвика, прашањето за името, јазикот и имплементацијата на Договорот за пријателство и соработка.
На почетокот на предлогот се наведува дека двете земји треба да дадат посебни унилатерални декларации на почетокот на првата меѓувладина конференција.
Во делот на спорот околу јазикот, во португалскиот предлог како решение за јазичниот спор се наведува Бугарија да изјави дека македонскиот јазик не постоел пред 1944 година и дека јазикот во сите идни документи треба да биде сметан во согласност со Уставот на земјава, а од друга страна Македонија да изјави дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година.
Околу несогласувањата со употребата на новото кратко име на државата, португалскиот предлог нуди решение така што поимот Македонија содржан во новото име на државата „Северна Македонија“ нема никаква поврзаност со географското име Македонија.
Покрај тоа, Македонија се обврзува да презентира детален патоказ за имплементација на точките од Договорот за добрососедство и соработка.
Сето ова Софија го одби, така што дискутабилно е зошто македонските власти повторно се навраќаат на отфрлен предлог, наместо да ги насочат сите сили кон подготовки за нова стратегија со идното француско претседателство со Унијата, со оглед дека актуелното претседавање од страна на Словенија тешко ќе може да го одблокира целиот процес поради политичката криза во Бугарија и неможноста таму да се состави влада.
За дел од аналитичарите и познавачите на дипломатските услови навраќањето на португалскиот предлог е погрешен потег.
– Тоа е грешка. За мене и самиот португалски предлог не беше добар, Бугарите го отфрлија, така што не треба ние сега повторно да се навраќаме на него. Нашата позиција е чиста, исполнивме сè што бараше ЕУ од нас, тоа го потврди и германската канцеларка Меркел за време на неодамнешната средба со премиерот Заев во Тирана, така што Македонија сега треба да ја остави Бугарија самата да врие во кашата што сама си ја замеша. Навистина и ние трпиме поради нивната блокада, но притисокот врз Бугарија ќе биде голем – вели Љупчо Арсовски, првиот македонски амбасадор во Грција и дипломат од кариера.
Според него, македонската дипломатија мора да гледа напред и да ги предвидува идните чекори, а тоа е фокусирање на француското претседателство.
– Повеќе од јасно е дека Бугарија не е сама во ова што го прави, па затоа и секојдневно се појавуваат разни нонпејпери. Ние едноставно не треба да обрнуваме внимание на какви било нонпејпери. Тоа се едноставно пробни балони и тестирање до каде може да се оди во попуштањето. Затоа е важно да се работи на идни чекори. Словенечкото претседателство не може да направи многу бидејќи во Бугарија нема политичка влада што може да носи некакви одлуки во врска со проблемот со Македонија, така што следно е француското претседателство и треба да се работи во таа насока, наместо да се враќаме на португалскиот предлог, кој е минато – заклучува Арсовски.
Слично размислува и професорката по уставно право Гордана Силјановска-Давкова, која навраќањето кон португалскиот предлог го поврзува со немањето капацитет во самото македонско МНР.
– Ако некој претходно одбил едно решение, сигурно нема повторно да застане зад тоа решение. Тоа зборува за немање капацитет на Министерството за надворешни работи. Вие морате да имате стратегија, да имате варијанти што сами сте ги направиле, а не да чекате до таа мера што ние се обезличивме во заштитата на националниот интерес, што само чекаме некој однапред да ни даде предлог. Па ние само аминуваме предлози. Ги научивме соседите дека можеме сè, дека немаме лимит – вели Силјановска-Давкова.
Според неа, дипломатијата треба да гледа многу подалеку од актуелните случувања за да биде подготвена за секакви сценарија во иднина.
– Ако ние гледаме чекор напред, а така треба во дипломатијата, тогаш треба да предвидиме кој следен ќе претседава со Унијата, а тоа е Франција. Не португалски предлог, вие сега треба добро да анализирате што изјавува Макрон, кој во честитката по повод 8 Септември ја споменува и методологијата. Ние за тоа треба да се подготвуваме – истакнува професорката Гордана Силјановска-Давкова.