Според воено-политичките аналитичари, акцентот на овие мисии е јасен, а тоа е обид да им докажеме на властите во Париз дека, и покрај нивното попречување на нашето членство во ЕУ, остануваме вистински посветени на вредностите на ЕУ и на НАТО
Македонски војници наскоро ќе бидат распоредени во мировни мисии што ги предводи Франција во Африка. Ова во интервју за германскиот весник „Зидојче цајтунг“ го најави неодамна претседателот на државата и врховен командант Стево Пендаровски.
– Се подготвуваме со еден мал контингент за учество во мисиите предводени од Франција во Африка – истакна Пендаровски.
Од друга страна, пак, надоврзувајќи се на изјавата на Пендаровски, германската телевизија Дојче веле (ДВ), повикувајќи се на сопствени извори, пишува дека македонскиот претседател веројатно го најавил учеството во мисијата во Централноaфриканската Република (ЦАР), кое Владата го одобрила уште во септември годинава, но додава дека би можело да има и втор контингент македонски мировници што би се упатиле и во француската мировна мисија во Мали.
Дојче веле истакнува дека во мисиите би се испратил мал контингент македонски војници, кои ќе бидат дел од штабовите на операции на француската војска на африканскиот континент.
Во меѓувреме, во јавноста на оваа тема говореше и францускиот генерал-потполковник Патрик Дестремо, директор на Институтот за високи студии на националната одбрана на Франција. Тој посочи дека планот за евентуално праќање македонски војници во мировна мисија во Африка е добар чекор и дека тоа ќе помогне за стабилизација на континентот, но ќе го подобри и функционирањето на одбраната на Македонија.
– Франција и ЕУ сакаат Македонија да учествува во мировни мисии. Сите споделуваме заеднички безбедносни предизвици, особено во поглед на тероризмот, и посакуваме да им помогнеме на земјите што нѐ опкружуваат, како и на земјите од Африка, за да бидат што постабилни и да можат да придонесат за зголемување на безбедноста на своето население. Освен тероризмот, постојат и други предизвици, поврзани со миграцијата, последиците од климатските промени, а учеството на Македонија би било добредојдено. Мислам дека за Македонија и за нејзините вооружени сили тоа претставува можност да се согледа како функционира воената алијанса, за да може земјата соодветно да ги обучи својата армија и војниците за учество во такви мисии – изјави генералот Дестремо.
Во меѓувреме, домашните експерти со кои се консултиравме оценуваат дека овие нови мировни мисии повеќе имаат политички печат и симболично значење и, генерално, не можат да се споредат со другите воени мисии што државата ги спроведуваше на Блискиот Исток.
Во сублимиран заклучок, експертите велат дека финансиите и ризикот по безбедноста за нашите војници во Африка се многу помали од оние што ги имаме на местата на кои нашите мировници ги спроведувале воените операции во странство.
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски, коментирајќи ги актуелните случувања, истакнува дека овие мисии ќе бидат мали по обем и ќе имаат симболично и политичко значење за нашата земја.
Според Марковски, операциите во Африка што се најавени да се изведат од властите наредната година не би можеле да се споредат со мировните мисии во Ирак, Авганистан, Либија и во Босна, бидејќи се од поинаков карактер.
– Мисиите во Африка имаат понизок степен на ризик по безбедноста како оние од Блискиот Исток и, дополнително, тие нема да се големо финансиско оптоварување за нашиот буџет, бидејќи таму испраќаме многу мал контингент офицери. Тие се повеќе,за мене, политички печат и симболика на нашата државна политика дека и натаму помагаме во одржувањето на светскиот мир и им докажуваме на сојузниците дека сме држава што навистина заслужува да е дел од НАТО и ЕУ – вели Марковски.
Според него, акцентот на овие мисии е јасен, а тоа е обид да им докажеме на властите во Париз дека, и покрај нивното попречување на нашето членство во ЕУ, остануваме вистински посветени на вредностите на ЕУ и НАТО.
Генералот во пензија Митре Арсовски вели дека секоја воена операција е операција, без разлика дали станува збор за дејствување на мала или повеќебројна воена единица.
Генералот додава дека некогаш најбитните операции во одредени случувања се водени од најмалобројни групи, а типично ваквото дејствување е карактеристично на безбедносните разузнавачки агенции, кои некогаш можат да постигнат поголем ефект од цели чети и армиски баталјони.
Арсовски истакнува дека ако се анализираат новите мировни мисии, може да се заклучи дека нашите војници може да се справат со предизвиците, но околностите ќе бидат многу различни од оние со кои мировниците се навикнати да се справуваат на Блискиот Исток.
Генералот објаснува дека во Африка, релјефот и климата се поинакви од пустините, а дополнително и има големи разлики во дејствувањето на силите на терен, кои многу тешко се разликуваат едни од други во државите што се безбедносно размрдани.
Тој додава дека со овој чин, нашата држава му докажува на Емануел Макрон дека сме достојни сојузници и во НАТО и во Европа и дека делиме заеднички вредности.
Причините и карактерот на конфликтите во Африка?
Новинската агенција Ројтерс на тема поврзана со конфликтите во Африка неодамна информира дека со зелено светло од Советот за безбедност на ОН се активни мировните операции на Франција и на трупите на Африканската унија во Централноафриканската Република (ЦАР) за да им се стави крај на анархијата и на судирите меѓу муслиманите и христијаните во оваа држава, кои се активни повеќе години.
Натаму, за конфликтот во Мали, пак, американскиот магазин „Дефенс пост“ пишува дека Франција очекува интернационална група за спроведување воени операции да биде стационирана во Африка најдоцна до 2020 година и со тоа да се стабилизира земјата безбедносно. Сето го потврдил и министерот за одбрана на Мали, генералот Флоренс Пати, кој ја поздравил оваа меѓународна иницијатива за зголемување на бројот на војниците во неговата земја.
Според магазинот, Франција се обидува да воспостави поголемо европско воено присуство во овој дел од светот, кое ќе ги стивне немирите во земјата.
Во неколку града на Мали, според пишувањето, веќе се стационирани 4.500 француски специјални воени сили, а со зголемувањето на военото присуство на преостанати европски земји, се очекува трајно да се намалат воените дејства на исламски радикални сили што дејствуваат тука и кои се составен дел на Исламската држава (ИД).
Во свој осврт на случувањата, лондонски „Гардијан“, пак, информира дека и Британија наскоро планира да испрати 250 свои војници во Мали, како помош на меѓународните мировници што се стационирани во оваа африканска држава.
Според весникот, британските војници ќе им помагаат на мировниците во Африка во нивните операции поврзани со извидување и воено разузнавање.
Весникот потсетува дека во оваа земја повеќе од шест години француските воени сили и „сините шлемови“ на ОН водат тешки битки со приврзаниците на Исламската држава, а Британија, која има околу 600 војници што се дел на мировните мисии низ светот, ќе ја засили и оваа мировна операција.